Вакуола
Вакуолите се органели на клетката. Тие се карактеристични особено за растителните и протистните клетки. Вакуолите се простори во цитоплазмата ограничени со мембрана наречена тонопласт и исполнети со растворени органски и неоргански соединенија во вода, како што се белковини, јаглехидрати, витамини, аминокиселини, соли итн. Овие материи се од голема важност за животот на клетката, а истовремено тие го одржуваат нејзиниот тургор. Вакуолите од клетките на некои плодови, меѓу другото, содржат и органски киселини (како лимонска, јаболкова, оксална), кои им го даваат вкусот на овошните сокови.
Вакуолите кај протистите имаат нешто посложена функција. Тука тие се аналогни на органите од многуклеточниот организам и ги извршуваат функциите на дигестија (хранлива вакуола), излачување (пулсативна вакуола) итн.
Хемиски состав на вакуоларниот сок
уредиВакуоларниот сок е течен производ од активноста на живата протоплазма. во него се наоѓа најчесто смеса од неоргански и органски материи. Едни од нив се резервни материи кои по потреба можат да се искористат од клетката, а други се издвоени како крајни производи кои неможат поторно да се искористат, додека трети се директно сврзани со размената на материите.
Составот на вакуоларниот сок може да се разликува во клетките на различните ткива, органи или растенија, а во одредени случаи може да е различен и за одделните вакуоли во една иста клетка.
Неоргански состојки
уредиСодржината на водата во вакуоларниот сок изнесува 75 до 95% и може да варира според видот и составот на клетката. Кај некои алги, таа достига до 95% и повеќе. Со оваа застапеност, водата е основната маса на вакуоларниот сок.
Солите на неорганските киселини, како што се фосфати, нитрати, сулфати, карбонати и др. се важна состојка на сокот. Нив растенијата ги примаат од почвата или од водата. Растворените соли имаат улога во регулацијата на осмотскиот притисок.
Одделните неоргански материи ги има во траги. Кај некои црвени и кафеави алги, во вакуоларниот сок се содржат повеќе бром и јод, отколку што ги има водата како животна средина.
Органски состојки
уредиОд киселините, најзастапена е оксалната киселина. Таа се среќава во вакуоларниот сок скоро кај секое растение. Најчесто е во вид на оксалати, бидејќи во слободна форма е токсична. Од своја страна, оксалатите се јавуваат во вид на монокристали или поликристали. Монокристали со стапчеста форма (стилоиди) има во лист на перуника; во форма на игла (рафиди) има во традесканција, момина солза итн., додека во лисната дршка на бегонијата има ромбоедрични монокристали. Поликристали, пак, има во кромидот, оревот, бегонијата итн.
Белковините се претставени со албумини, глобулини, глутелини, проламини и други белковини. При зреењето на плодовите, вакуоларниот сок дехидрира, при што белковините преминуваат во цврста агрегатна состојба, со што се добиваат белковински или алеуронски зрна.
Јаглехидратите (шеќерите) можат да бидат моносахариди, дисахариди (од олигосахаридите) и инулин (како претставник од полисахаридите). Од моносахаридите, најзастапени се гликозата и фруктозата. Дисахаридите се претставени со сахарозата, која во вакуоларниот сок на шеќерната трска ја има од 20 до 22%, а во шеќерната репка од 18 до 20%. Инулинот од полисахаридите го има особено кај родовите Инула и Далија, односно во нивните задебелени корења. Тој под дејство на алкохол формира сферокристали.
Гликозидите под дејство на ензимите гликозидази се хидролизиратт до глицидна компонента (гликон) и неглицидна компонента (агликон). Во зависност од карактерот на агликонот има неколку групи гликозиди во вакуоларниот сок:
- Етерично-маслени гликозиди — каде агликонот е етерично масло. Се разложуваат на гликоза и етерично масло. Претставник е гликокумарин, кој го дава мирисот на свежо косената трева.
- Цијан гликозиди — најпознат е амигдалинот, кој се наоѓа највеќе во семето од бадем (Amygdalus). При хидролиза, амигдалинот се разложува до гликоза, цијановодород и бензол алдехид (кој го дава горчливиот вкус и специфичниот мирис на бадемите).
- Сулфурни гликозиди — се разложуваат на гликоза, алилсинапно масло и кисел калиум сулфат.
- Гликоалкалоиди — се разложуваат на гликоза и алкалоид. Обично се отровни.
- Обоени гликозиди — во вакуоларниот сок се безбојни, а по хидролиза се обојуваат.
- Срцеводејствувачки гликозиди — се користат во медицината за лекување на одредени срцеви заболувања.
Пигментите во вакуоларниот сок ја даваат бојата на многу плодови и цветови:
- Антоцијани — пигменти кои ја даваат сината црвената боја, а по хемизмот се гликозиди бидејќи се разложуваат до гликоза и антоцијанидин.
- Антохлори — пигменти кои даваат жолто и портокалово обојување. На нив се должи обојувањето на венечните ливчиња од многу цветови.
Танините се безбојни, а за нивно докажување се користат обоени реакции на соли и тешки метали. Во мртвите клетки, танините лесно оксидираат и даваат темножолти до кафеаво обоени производи кои можат да навлезат во клеточниот ѕид и да го обојат.
Од алкалоидите, во вакуоларниот сок се застапени хинин, стрихнин, кодеин, никотин и конин. Алкалоидите се образуваат во сите органи на растението. Најпознато растение кое содржи повеќе од дваесет алкалоиди е афионот.