Вера Ацева
Вера Ацева - Доста (Ореовец (Прилепско), 24 ноември 1919 - Скопје, 10 ноември 2006) — македонски комунист, учесник во НОБ и народен херој на Југославија, прогласена на 29 ноември 1953 година.[2] Носител на Партизанска споменица 1941.[3]
Вера Ацева | ||
Роден на | 24 ноември 1919 | |
Роден во | Ореовец (Прилепско), | |
Починал на | 10 ноември 2006 (87 год.) | |
Починал во | Скопје, | |
Професија | работничка | |
Член на КПЈ од | 1940. | |
Функција | Градоначалник на Скопје | |
Мандат | 1948[1] | |
Претходник | Душко Лукарски | |
Наследник | Аспарух Каневче |
Помеѓу двете светски војни
уредиПоради лошата материјална состојба, Ацева е принудена да го прекине образованието по завршувањето на втор клас гимназија и да се вработи. Работела во тутунската индустрија.[4]
Револуционерните традиции во семејството Ацеви оставиле силен печат во формирањето на личноста на Вера. Од 1935 година му припаѓала на напредното младинско движење и учествувала во сите акции што ги организирала партијата во Прилеп.[3] На работничкото движење му пристапува на 16 години. Станува член на КПЈ на почетокот на 1939 година. Во септември 1940 година, на Покраинската конференција, е избрана за член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Од септември 1940 до ноември 1941 година е секретар на Месниот комитет во Прилеп.
Во времето на подготовките за вооруженото востание, таа раководела со Воениот комитет во Прилеп, како резултат на таа дејност дошло до формирањето на Првиот прилепски партизански одред, чија акција од 11 октомври 1941 година на полицискиот участок во Прилеп, е земена како дата за почетокот на вооруженото востание во Македонија.[3] Во ноември 1941 година таа заминува во Скопје и ја презема функцијата член на ПК на КПЈ.
НОВ
уредиАцева била еден од организаторите на првите прилепски партизански одреди. На почетокот од 1942 година работи во ПК КПЈ во Скопје, а потоа е партиски инструктор во Струмица, Битола и Штип. Во август 1943 година станува комесар на Шарскиот партизански одред, а кога на 11 ноември 1943 година е формирана Првата македонско-косовска бригада, Ацева е избрана за заменик-политички комесар. На таа функција е до јануари 1944 година кога станува политички секретар на Третиот и на Четвртиот областен комитет на КПМ. Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ, на кое е избрана во неговиот Президиум.[5]
По ослободувањето
уредиПо ослободувањето Ацева врши повеќе раководни функции. Во 1948 била Градоначалник на Град Скопје. На Петтиот конгрес на КПЈ во јули 1948 година е избрана во Централниот комитет на КПЈ.
Во март 1949 година, при реконструкцијата на Владата на НРМ, е избрана за министер за земјоделство.[6] Во Владата од 1951 година е избрана за министер - претседател на Советот за народно здравје и социјални грижи. Избрана е за член на Извршниот совет од февруари 1953 година, од декември 1953 година и од 1958 година. На 27 септември 1960 година е разрешена од должноста претседател на Републичкиот Совет за социјална политика и комунални прашања.[7] Потоа била член на Сојузниот извршен совет. Била пратеник во повеќе свикувања на Собранието на НРМ и на СФРЈ.
Во 1960 година Ацева доаѓа во судир со тогашниот секретар на Сојузот на комунистите на Македонија, Лазар Колишевски, обвинувајќи го дека заедно со Видое Смилевски - Бато ги донесува одлуките надвор од Извршниот комитет на СКМ. На седницата од 18 октомври 1960 од Белград доаѓа Александар Ранковиќ, кој застанува на страната на Колишевски. Ацева е принудена да се повлече и е преместена на работа во Белград.[8]
Во 1991 година ја објавува својата книга „Писмо до Светозар Вукмановиќ – Темпо“.
Документи
уреди-
Овластување и директиви за Вера Ацева од Президиумот на АСНОМ.
-
Вера Ацева народен херој
-
Писмо испратено до Вера Ацева од Боро Чаушев.
Поврзано
уредиНаводи
уреди„Вера Ацева“ на Ризницата ? |
- ↑ „Официјален портал на град Скопје“. Архивирано од изворникот на 2011-02-15. Посетено на 19 декември 2011.
- ↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 57
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Весковиќ-Вангели, д-р. Вера; Јовановиќ, Марија (1976). Жените на Македонија во НОВ 1941-1945. Скопје: Институт за Национална Историја. стр. 985.
- ↑ Darko Stuparić “Revolucionari i bez funkcija”, “Otokar Keršovani”, Rijeka, 1975, 405 str.
- ↑ Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 47-48 стр.
- ↑ Службен весник на Народна Република Македонија, 35/60, 1 стр.
- ↑ Службен весник на Народна Република Македонија, 8/48, 1 стр.
- ↑ Крсте Црвенковски, Мирче Томовски „Заробена вистина“, „Култура“, Скопје, 2003, 149-151 стр.