Жаркари
Период: едикариум – денес
Тихоокеански морски коприви (Chrysaora fuscescens)
Научна класификација
Домен: Еукариоти
Царство: Животни
Колено: Жаркари
Hatschek, 1888
Потколено/Класи[3]
Корални полипи (Anthozoa) —корали и актинии
Медузи (Medusozoa):[1]
Коцкести медузи (Cubozoa)
Хидровидни (Hydrozoa)
Скифомедузи (Scyphozoa), наречени „вистински медузи“
Ставромедузи (Staurozoa)
нерангирани, може да не се скифомедузи[2]
Мрсулести (Myxozoa), паразити
Многуношци (Polypodiozoa), паразити

Жаркарите или копривкари (лат.: Cnidaria, порано Coelenterata) се многуклеточни животни со радијална симетрија на телото. Во еволутивен поглед се на ниво одма после сунѓерите. Имаат едноставни ткива, како на пример примитивното нервно ткиво. За нив е карактеристично што се јавуваат во две животни форми, како полип и како медуза, и тоа што околу устата имаат пипки со книди, кои при допир жарат (оттука и името). Типот Cnidaria е поделен на четири класи, и тоа Хидровидните, Скифомедузите, Коралните полипи и Коцкестите медузи.

Телото на копривкарите е изградено од поткожичка (епидермис), што содржи еден ред епителни клетки кои имаат заштитна улога. Покрај епителните клетки има и клетки во вид на меурчиња наречени жарни клетки. Во меурчето има отровна лигава течност која преку долгото конче и боцката го уфрлува отровот во пленот и го убива.

Карактеристичен белег за жаркарите е присуството на жарните клетки - книди, кои претставуваат орудија за напад и одбрана. Органи за дишење, крвоток и екскреција отсуствуваат. Кислородот го внесуваат со дифузија преку целата телесна површина, а исто така, преку овој процес се исфрлаат течните екскрети (непотребни или штетни материи). Постои дифузен нервен систем, изграден од ѕвездести неврони со долги аксони, со кои се создава еден вид на невронска мрежа (мрежест нервен систем). И системот за размножување е едноставен, односно составен е само од гонади. Оплодувањето е од надворешен тип. Треба да се напомни дека повеќето жаркари се размножуваат полово само при многу поволни животни услови за животното. Во спротивно се размножуваат бесполово со пупење, при што пупката се одделува од телото на мајката и станува нов организам, способен за самостоен живот. Повеќето од претставниците на овој тип живеат седентарен начин на живот, најчесто прикрепени за некое водно растение. Се хранат со мали ракчиња и други ситни животинки.

Денес се познати околу 9.000 видови на жаркари, без разлика на која класа и припаѓаат. Сите тие претежно се жители на морските води. Во копнените води на Македонија живеат неколку видови на хидри, меѓу кои е Pelmatohydra oligactis. Црвениот корал е полипоидна корална колонија, распространета во многу мориња. Друг морски жител е црвената актинија, која претставува единечен корал. Космополитската аурелија е една од најчестите аурелии во европските мориња.

Жаркарите се сметаат за последни живи претставници од онаа група на животни, од која треба да се бараат предците на сите други вистински ткивни животни. Ваквото сфаќање е резултат на фактот што едноставната градба на нивното тело е примитивна одлика. Меѓутоа, жаркарите еволуирале регресивно, што се гледа од нивниот прикрепен (седентарен) начин на живот. Кај нив се редуцирале и упростиле органите и цели органски системи од една, а наспроти овие регресивни белези во нивниот развој се појавиле прогресивни белези за живеење на едно место од друга страна (пипките, книдите, потпорниот скелет и радијалната симетрија на телото). Затоа, може да се смета дека жаркарите потекнуваат од некој билатерално слободен тип, кој со стомачната страна ползел по цврста подлога.

Еден од најинтересните претставници на жаркарите е медузата Turritopsis nutricula - единствениот биолошки бесмртен организам во природата.

Наводи

уреди
  1. Класите на Медузи се темелат на „Таксономикон - Таксон: потколено Медузи“. Универзални таксономски услуги. Архивирано од изворникот на 2009-03-11. Посетено на 26 јануари 2009. (англиски)
  2. Collins, A.G. (2002). „Phylogeny of Medusozoa and the Evolution of Cnidarian Life Cycles“ (PDF). Journal of Evolutionary Biology. 15 (3): 418–432. doi:10.1046/j.1420-9101.2002.00403.x. Посетено на 27 ноември 2008.
  3. Потколената Корални полипи (Anthozoa) и Медузи (Medusozoa) се темелат на „Таксономикон - Таксон: колено Жаркари“. Универзални таксономски услуги. Архивирано од изворникот на 2007-09-29. Посетено на 10 јули 2007. (англиски)
  NODES