Кларинет (англиски: Clarinet) или грне́та е дрвен дувачки инструмент со единечно (просто) јазиче од трска.

Кларинет
сопран кларинет (Boehm System)
сопран кларинет (Boehm System)
сопран кларинет (Boehm System)
Класификација
Скала
Сродни инструменти

Градба

уреди

Почетниот дел му е усник, во облик на клун, на чија рамна страна, преку влезниот отвор на цевката, притиска јазичето, на долниот крај зацврстено со метален обрач со завртка.

Цевката има четири дела кои се вовлекуваат еден во друг, а завршниот дел е во вид на инка (т.н. корпус) и по работ е опточен со метален прстен. На цевката се наоѓаат голем број отвори, од кои еден дел се покриваат со врвовите на прстите, а другите со затворачи (т.н. клапни) кои се придвижуваат со сложен систем на лостови. Механизмот на современиот кларинет е многу усовршен, исто како и изведувчката техника, така што тој спаѓа меѓу највиртуозните инструменти според леснотијата со која можат да се изведуваат крајно брзи и сложени тонски движења.

Опсегот на изводливи тонови му е многу голем, а самиот тон е богат, погоден за многу различни музички карактери. Посебна одлика на кларинетот е широкиот опсег на гласност – од скоро одвај чуен звук до многу продорен, посебно во високите тонови. Најдлабокиот регистер, т.н. шалмајски, е многу специфичен по темната и драматична звучност.

Со обѕир на сето ова, меѓу дувачките инструменти кларинетот е најразновиден, па и во оркестрите често му се доделуваат истакнати улоги, а солистичката литература е многу богата. Тој наоѓа места во камерните ансамбли, претставува водечки мелодиски инструмент во дувачките оркестри, а посебно значајна улога има во џезот.

Историја

уреди

Најдалечното потекло на кларинетот допира до инструментите со јазиче од трска – во Стара Грција (аулос), па и порано, во Египет и на други места. Современиот кларинет се развил кон крајот на 17. век, со усовршување на еден вид шалмај. Веќе во 18. век (пример, кај Моцарт) е богато користен, а влегол и во класичниот оркестарски состав. Технички е усовршен во текот на 19. век, кога многу го користеле композиторите романтичари. Во Македонија музички дела за кларинет пишувале повеќе композитори, меѓу кои најпознати се делата за оркестарски и соло кларинет на Тома Прошев, Димитрије Бужаровски, Томислав Зографски, Панде Шахов и други.[1]

Основни видови

уреди

Кларинетот се гради во три основни регистерски облици: B Кларинет (Clarinetto in Si♭) кој звучи за голема секунда пониско од запишаното, A Кларинет (Clarinetto in A) кој звучи за мала терца пониско од запишаното, и поретко користениот C Кларинет (Clarinetto in Do) кој звучи како што е запишано.

Други видови

уреди

Освен основните три облици, кларинетот се јавува и во облик на мали кларинети кои се градат во повеќе регистерски облици: in Eb кој звучи за мала терца повисоко од напишаното, in A♭ кој звучи за мала секста повисоко, in F кој звучи за кварта повисоко и in D♭ кој звучи за мала секунда повисоко. Сите овие кларинети се чести во проширеното семејство на кларинети, како што е случај во воените оркестри, а поретко во класичната музика (сепак, Рихард Штраус во операта Електра ги бара следните кларинети: 1 Cl. in E♭, 4 Cl. in B, 2 Cl. contralti (basethorn), 1 Cl. basso).

Уште едан облик на кларинет е и басетхорн или контралт кларинет (итал. clarinetto contralto, corno di bassetto или clarone, гер. Bassetthorn, фр. cor de basset, анг. bassethorn, рус. бассетгорн) кој ретко е во употреба, но сепак може да се најде кај Моцарт, Бетовен, Рихард Штраус и други.

Сепак, најчест регистерски облик на кларинет, кој се наоѓа во класичните оркестри, е бас кларинетот.

Кларинетот како мотив во уметноста

уреди
  • „Часови по кларинет во Њу Орлеанс“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[2]

Извори

уреди
  1. СОКОМ[мртва врска]
  2. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 459.

Надворешни врски

уреди
  NODES
Done 1
eth 2
see 1