Натурализам

книжевен правец

Натурализам — уметнички правец кој тежнее кон верно прикажување на стварноста, насочувајќи го вниманието кон надворешни детали и кон она што не е убаво.

Емил Зола, главниот претставник на натурализмот.

Идеја и претставници

уреди

Зачетоците на теоријата на натурализмот може да се забележат во теоретското дело на Иполит Тен. Сепак, најголема улога во оформувањето на натурализмот имал Емил Зола, кој во духот на позитивизмот и Теновата естетика, учењето за човековата одреденост од наследството и околината го пренесол во областа на романот, заземајќи се за примена на научни методи во книжевноста.

Натурализмот го набљудува човекот како производ на наследството, околината и историската состојба, и тоа во тврда, експериментално позитивистичка смисла. Ваквото гледиште во книжевноста се манифестирало како стремеж кон поегзактно, понепосредно и верно прикажување на стварноста. Исто така, значајна придобивка на натурализмот е тоа што со себе донел социјално сочувствување со угнетените слоеви во општеството, а со тоа и одредена критика кон повисоките општествени слоеви, иако тоа сочувство не е идејно и политички определено.[1] Во предговорот на второто издание на романот „Тереза Ракен“, Зола го објаснува натуралистичкиот метод велејчи дека неговата цел е првенствено научна и дека применил научна анализа и дека пишувал воден од љубопитноста на научникот. Понатаму, тој вели дека спроведува аналитичка работа слична на дејноста на хирурзите, дека западнал во точно и грижливо сликање на животот, целиот предаден на анализата на човечкиот механизам.[2]

Во литературата, натурализмот го потиснал реализмот и доминирал во европската книжевност во последните децении од 19 век. Притоа, најзначајни претставници на натурализмот се: А. Холц и Герхард Хауптман во Германија, Хенрик Ибзен и Аугуст Стриндберг во Скандинавија, додека во Италија натурализмот се развил во посебен правец наречен веризам. Емил Зола и Ги де Мопасан се водечки претставник на натурализмот во Франција, каде литературните групи блиски до натурализмот го избегнувале овој израз и се претставувале себеси како реалисти.

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. B. P., „Gerhart Hauptman“, во: Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 127.
  2. „Predgovor drugom izdanju“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 3-8.
  NODES