Софизам (грчки: σοφίστες, што значење „мудрец“, или оној кој мудрува, т.е. „прави“ мудрост, односно оној кој профитира од мудрост; σοφός, „мудрец“, исто така волшебник) првично бил термин за техниките учени од многу почитуваната група на учители на филозофија и реторика во античка Грција.

Софистите биле идеолози на робовладетелската демократија во 5 век п.н.е. Тие се јавиле да ја задоволат потребата на образование на демосот. Тие биле платени патувачки учители, мудреци кои своето знаење од разни науки и вештини ги ставиле на располагање на секој оној што имал пари да им плати. Како педагози и енциклопедисти, тие ги популаризирале научните и културните достигнувања од своето време. Со своето учење, тие ги подготвувале луѓето „правилно да мислат, работат и говорат“. Тие особено ја ценеле и развивале говорничката вештина (реториката) и способноста да ги подучуваат слободните граѓани: тие да можат добро да ја изразуваат својата мисла, убаво да ја накитат и со тоа да влијаат врз умот и срцата на слушателите и да ги придобијат за себе. Софистите се јавувале како реакција на догматската космолошка мисла која, како што укажувале, се покажала мноштвена и со тоа подложна на сомневање. Во основа, нивните сфаќања биле субјективистички, а кон религијата се однесувале со скептицизам. Според Хегел, тие биле првите старогрчки просветители. Меѓутоа, со текот на времето, софистиката преминала во еден вид надмудрување и во вештина на убедување по секоја цена, дури и со помош на лукавство. Оттука уште од времето на Платон, а особено на Аристотел, зборот „софист“ значел човек кој се служи со софизми, т.е. со лажни докази.[1]

  • Протагора од Абдера (481-411 п.н.е.) бил најславниот софист. Неговата ораторска моќ ги фасцинирала слушателите кои под нејзиното дејство биле како маѓепсани. Имал многу ученици и заработувал големо богатство. Според него, човекот е мера на сите ствари, за постојните дека постојат, а за непостојните дека не постојат. Протагора вистината ја ставил во зависност од човекот. Тој е релативист. Нема апсолутна вистина, таа е онаква каква му се претставувала на оној или овој човек. Протагора сметал дека во нашите определби за или против едно тврдење треба да се управуваме според мислењето на мнозинството луѓе, значи критериум (мерило) на вистината треба да биде општа согласност.
  • Горгија бил исто така, славен оратор и софист кој ги пленел слушателите толку многу што бил масовно имитиран. Тој сметал дека сѐ е небитие (нихилизам) и дека постоењето на битието е апсурд.

Наводи

уреди
  1. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 106.
  NODES
os 1