Хуните биле номадски народ кој живеел во Источна Европа, Кавказ и Средна Азија помеѓу 4 век и 6 век од н.е. Тие всушност се сметаат за иницијатори на големата преселба на народите.

Хуните во борба со Аланите.

Рана историја

уреди

Кинеските извори ја следат историјата на Хуните на подрачјето на денешна Монголија уште од IV век п.н.е. Според нив овој номадски народ во североисточна Кина во IV век п.н.е формирал племенски сојуз кој обединувал 24 родови, кој во кинеските пишани извори бил наречен Империја Хуну. Во II век од н.е овој народ станал значаен фактор во историјата на средноазиските и источноевропските области. Под притисокот на нивните источни и јужни непријатели – тунгускиот народ Сиен-Ги од исток и династијата Хан во Кина од југ, еден дел од хунските маси население започнал да се раздвижува на запад кон Аралското и Каспиското Море. Во почетокот на III век Хуните продреле во европска Сарматија и Подкавказието, каде до средината на IV век успеале да го потчинат поголемиот дел од сарматското племе Алани, а другиот дел го принудиле да се повлече кон запад, во Средна Европа, помеѓу реките Тиса и Дунав. На тој начин околу 350 година на териториите помеѓу реките Дон и Волга и планината Кавказ бил формиран големиот племески воен сојуз на Хуните. Западно од него се наоѓал племенскиот сојуз на Остроготите. Во 375 г. во жестока битка Хуните ги поразиле Остороготите и го ликвидирале нивниот племенски сојуз. По победата над Остроготскиот сојуз, Хуните продолжиле да се движат кон запад и предизвикале раздвижување на цела низа племиња со што и започнала Големата преселба на народите.

Хунскиот племенски сојуз во Панонија

уреди

Покорувајќи ги Остроготите Хуните го продолжиле своето освојувачко движење кон запад. Во исто време тие преземале и напади кон југ, во Азија, на Кавказ, а продреле дури до Сирија, на Балканскиот Полуостров (во Тракија) и стигнувајќи дури до Цариград. Основале широк племенски сојуз со средиште во Панонија соединувајќи ги пред себе племињата: Остроготи, Гепиди, Скири, Хазари (кои во тоа време живееле на Понт), словенското племе Анти и др. Власта на тој сојуз се протегала на исток до Волга. Многу Хуни стапувале во војските на римските цареви и служеле и во трупите на Аециј и Стилихон. Вујкото на најпознатиот хунски водач Атила, Руа (Ругила) добил римска воена титула, со годишна плата од 350 фунти во злато.

Атила и хунските пустошења по Балканот

уреди

По смртта на Руа, на чело на власта во Хунскиот племенски сојуз дошле Атила и Блида, синовите на Мундиох. Во тие тешки времиња со Византија сè уште владеел царот Теодосиј II, кој војувал на две страни: на запад со Вандалите во Африка и на исток со Сасанидите кои ја нападнале Ерменија во 441 година. Оваа зафатеност на византискиот крал им овозможила на Атила и Блида во 441 година да навлезат во Илирик и централните делови на Балканскиот Полуостров. Хунската војска ги опустошила Маргус и Виминацијум, а ги зазела и Сингидунум и Сирмиум пред да го стопираат продорот. Настапило затишје во 442 година, решавајќи да го искористи тоа Теодосиј II ја отповикал својата војска назад од боиштето во Северна Африка и наредил ковање на голем број монети за да можел да ја финансира војната со Хуните. Откако се подготвил, Царот решил повеќе да не преговара со Атила и да ги прекине сите постоечки договори. Атила на тоа одговорил со обнувување на походот во 443 година. Хуните го опседнале Наисус, а потоа продолжиле долж реката Нишава и ги заземале Сердика, Филипол и Аркадиопол. Византиските војски биле победени пред Костантинопол, но поради недостаток на опсадна опрема не успеал да го заземе градот. Теодосиј II го признал поразот и го испратил својот дворски пратеник Анатолиј да преговара за условите за мир, кои биле пооштри од претходните: царот се сложил да плати 6000 фунти злато поради непочитување на договорот и секоја година да дава данок во изност од 2100 фунти злато. Во 445 година Атила го ликвидирал својот брат Блида и продолжил да владее самостојно. Во 447 година Атила повторно тргнал на југ преку Мизија. Римската војска предводена од Арнегисклус се сретнала со Хуните кај реката Вид и била поразена, но им нанесла тешки загуби на Хуните. Немајќи војска пред себе, Хуните успеале да се пробијат до Термопилите. Самиот Цариград го спасил перфектот Флавиј Константин кој ја организирал обновата на Теодосиевиот ѕид, кој претходно бил оштетен од земјотрес, а на некои места биле изградени и нови утврдувања. Атила како услов за мир барал Византијците да продолжат да го плаќаат данокот што тој им го наложил и да ја повлечат византиската војска од пограничните територии со Хунскиот племенски сојуз. Преговорите траеле околу 3 години. На хунскиот двор во 448 година бил испратен византискиот пратеник Прист. Тој повеќепати со својата дипломатска активност успевал да го разубеди Атила во намерата да ги продолжи своите ограбувања и освојувања на територијата на Источното Римско Царство. Но за жал поголемиот број од неговите историски дела се зачувани само во фрагменти. Балканскиот Полуостров бил сосема уништен, а финансиската моќ на Византија исцрпена кога Атила најпосле тргнал на запад. При навлегувањето во Галија, меѓутоа тој бил поразен од страна на западно римскиот војсководец Аециј во Битката кај Каталунските полиња (451). Идната година Хуните страотно ја ограбиле Италија, но веќе во 453 година Атила ненадејно умрел, па неговото огромно царство се распаднало.

Општествено уредување на Хунскиот племенски сојуз

уреди
 
Хунски логор

За општественото уредување на Хунскиот сојуз можеме да судиме врз основа на вестите кои се сочувани од изгубеното дело на Приск, учесник во пратеништвото на римскиот цар Теодосиј II кај Хуните во Панонија. Хуните не се занимавале со земјоделство. Тие и понатаму останале сточари-номади, кои аграрните плодови ги добивале од своите покорени племиња, кои исто така биле принудени да им плаќаат данок. Но Хуните веќе имале утврдени градови, од кои еден од нив опкружен со ѕидини бил престолнината на Атила. Исто така кај нив бил развиено робовското стопанство, и оделни претставници на хунската аристократија располагале со цели села на луѓе зависни од нив. Родовската и чиновничката аристократија имала голема власт во сојузот. Положбата на основната маса војници не била тешка; впрочем нивната положба била далеку подобра од положбата на римското население кое било оптоварено со тешки даноци и честите војни. Затоа поедини претставници на римското општество доколку биле заробени од страна на Хуните останувале и по нивното ослободување во нивна служба.

Литература

уреди
  • Коста Аџиевски, Бобан Петровски: „Историја на Европа во раниот среден век“, Скопје, 2009.
  • Г. Острогорски, Историја на Византија, Скопје 1992.

Надворешни врски

уреди
  NODES