Злетово
Злетово — село во Општина Пробиштип, во истоимената област, во околината на градот Пробиштип. Селото претставува населба од мешан тип. Во периодот до 1956 година, како и од 1996-2004 година претставувало седиште на истоимената општина. Денес, тоа е седиште само на Злетовската парохија на МПЦ-ОА.
Злетово | |
Панорамски поглед на селото Злетово | |
Координати 41°59′15″N 22°14′05″E / 41.98750° СГШ; 22.23472° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Пробиштип |
Област | Злетово |
Население | 2.036 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2212 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 21015 |
Надм. вис. | 480 м |
Слава | Илинден |
Злетово на општинската карта Атарот на Злетово во рамките на општината | |
Злетово на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиЗлетово има поволна местоположба. Сместено е по долината на Злетовска Река, на надморска височина од 480 метри. Тоа се наоѓа на просторот каде што Злетовска Река излегува од својата клисура, вдлабена во Осоговските Планини, за да продолжи да тече низводно покрај брановидни рамнини и ниски конусни возвишенија. Во минатото, поточно до средината на XX век, местото лежело само на десниот брег на Злетовска Река, но потоа се проширило и на левата страна. Местоположбата на селото уште до почетокот на втората половина на XX век била предодредена за развој на стопански, општествен и духовен центар на областа. Атарот на селото зафаќа површина од 10,4 км2. Релјефот на неговиот северен дел е ридско-планински, додека јужниот дел е зарамнет со алувијална рамнина околу реката.[2]
Низ самата населба минува регионалниот пат 2232, додека од Злетово започнува и регионалниот пат 1309, кој ги поврзува Пробиштип и Злетово.
По своите надворешни елементи, градба, местоположба на станбените згради, густината меѓу нив, стопанската активност на населението, распоредот од двете страни на улиците го прават Злетово повеќе урбана отколку рурална средина. Во периодот до средината на XX век, Злетово имало три маала: Горно (Карадачко), Средно и Долно Маало. Најстаро од нив со средишна местоположба било Средно Маало. Во него е сместена црквата „Св. Богородица“, изградена во почетокот на XIX век врз темелите од постара црква од средниот век. До црквата имало кула од типот на кратовските кули која е урната. Во непосредна близина се наоѓало и некогашното училиште, општинската зграда и пазарот. Во ова маало и во Долното Маало куќите се збиени и сместени околу главната улица и сите се на два-три ката. Долните простории се претворени во дуќани или занаетчиски работилници. Низ селото исто така минува некогашниот каравански пат Кратово-Кочани.
Клима
уредиЗлетово и Злетовското Поле имаат умереноконтинентална клима со влијание на изменетосредоземноморската клима по долината на Злетовска Река. Летата се многу топли и суви, а поради планинското влијание квечерините и утрата се свежи; пролетта и есента се умерено топли, при што врнежите главо паѓаат на есен; зимите не се многу студени и не траат долго, а врнежите од снег се ретки. Средната годишна температура изнесува околу 13 °C.[3]
Историја
уредиРани населби
уредиНа местото на селото и во неговата околина е откриена материјална култура, поточно пронајдените питоси во Средно Маало, земјени садови, надгробни споменици, римски монети и парчиња од старовремска керамика. Освен тоа, во месностите Баочар (Блаџар), Градиште, Марена, Мавраган и Турлевци има траги и остатоци од тврдини и стари населби. Според тоа, може да се претпостави дека главно поради експлоатацијата на рудното богатство, Злетово и неговата околина биле густо населени уште од римско време. Со доселувањето на Словените и разрушувањето на населбите и тврдините постепено започнала да се менува топонимијата и етничкиот состав на некогашната римска провинција. Во тоа време биле изградени нови населби во кои преовладувале словенските елементи и начин на живот.
Среден век
уредиЗлетово како населено место во историските документи за првпат се спомнува во 1019 година, кога византискиот цар Василиј II во една своја повелба ја одредил дијацезата на тогашната Мородвиска епископија.[4] Од средината на XI век, ова подрачје на Византија било потресено од востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех, при што настанал распад на централната власт и борба за превласт на локалното благородништво, што довело до хаотична состојба и голем стопански пад. Ваквите услови биле искористени од страна на Печенезите и Куманите, кои од областа околу Дунав навлегле во овој дел од Македонија и Злетовската област. Сепак, овие племиња биле војнички поразени и асимилирани, така што од нив се останати само некои топоними во околината на Злетово.
Во втората половина на XIII век, српскиот крал Милутин навлегол во Македонија и ги освоил Полог, Скопје, Овче Поле, Злетово и Пијанец. Веќе во почетокот на XIV век, Злетово претставувало посебна стопанско-политичка единица, т.н. Злетовска жупа. Со самото тоа што селото имало статус на жупа и во него постоеле жупанска администрација, плоштад, пазарен ден, владика, а веројатно и црковна администрација, тоа претпоставувало и изградба на тврдини, седиште на жупанот и владиката. Тоа укажува дека селото како населено место по своите битни карактеристки не се разликувало од тогашните традиционални средновековни урбани населби.
Посебен развој на стопански и на културно-црковн план селото и областа дожививеале во времето на царот Стефан Душан. Новоосвоената Злетовска област и Злетово биле припоени кон областа со која владеел деспотот Јован Оливер, кој се смета дека има особено позитивно влијание врз целокупниот развој на областа. Тој бил политички и економски моќен, па во намерата да ја овековечи својата слава и да ја придобие поддршката од црквата за неговото владеење, во 1341 година го изградил Лесновскиот манастир во истоименото село, на околу 3,5 километри северно од Злетово. Крунисувањето на Стефан Душан за цар и прераснувањето на српската архиепископија во патријаршија било од големо значење за развојот на селото. Во тоа време, Мородвиската епископија се одделила од јурсдикцијата на Охридската архиепископија и во Злетово се формирала новата Злетовска епископија под јурисдикција на новооснованата Пеќска патријаршија. Со тоа, селото станало регионален црковно-духовен центар. Духовното средиште на епископијата било во Лесновскиот манастир, додека седиштето на владиката било во Злетово. Епископијата и официјално била именувана како „злетовска“ и како прв владика во 1353 година се споменува владиката Арсениј.
По смртта на царот Стефан Душан и нешто подоцна на Јован Оливер, во времето на раситнувањето на Душановото царство на одделни феудални поседи, Злетовската област потпаднала под владение на браќата Дејанови. Во периодот по Маричката битка и пустошењата од страна на Османлиите, браќата Дејанови, како и многу други феудалци, станале турски вазали. Во 1378 година, тие ги потврдиле порано дадените имоти на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Света Гора и додале нови имоти; во 1381 година, Констатин Дејанов потврдил дека Лесновскиот манастир со неговите села и други имоти се претворени во метох на Хиландарскиот манастир. Во грамотата на деспотите Јован и Константин Драгаш од 1378 година селото се среќава со неговото денешно име.[5]
Отомански период
уредиСелото се споменува во пописните опширни дефтери од 1570 година, како село во Ќустендилскиот санџак, нахија Штип со 24 христијански семејства. Бидејќи османлиската власт ги попишувала само главите на семејствата, регистрирани се следниве злетовски родови: Јован Којо; Димјо Којо; Војо Којо; Којке Степан; Павел Којко; Пејо Којо; Ѓуро Никола; Димјо (Димко) Ѓуро; Добр(ив)ој Ѓуро; Павел Ѓуро; Пејо Павел; Илија Павел; Стојко Којко; Михаил Којко и Стојан Којко.[6]
Со отоманските освојувања на раситнетите феудални поседи на меѓусебно спротивставените феудалци настанал прекин на континуитетот на стопанскиот и културен развој на балканските народи. Во XVI и XVII век, во Злетово и околината се развило ајдутството, што довело до наредби од султанот за спроведување енергични мерки против ајдутите, како што била онаа испратена до кратовскиот кадија во 1618 година. Особено било нагласено дека калуѓерите од манастирите во Лесново, Крива Река и Трново не само што се здружиле со арамиите во нивната околина, туку и слегувале по патиштата и теснеците за да ги убиваат патниците, да им ги лекуваат раните на разбојниците, да ги чуваат и снабдуваат со храна.
Во текот на XVII век, посебно трагична за Злетово и Злетовската област била Австриско-турската војна во 1689 година и Карпошовото востание. По повлекувањето на австриските војски и задушувањето на востанието, отоманските одреди и Кримските Татари започнале масовно угнетување на населението. Некој монах запишал дека настанало време кога треба „живите да им завидуваат на мртвите“. Како последица на тоа, целосно биле уништени селата Каралуково, Снеготин и Секулица, а не поминало добро ниту Злетово. Според народното предание, голем дел од населението било уништено, а еден дел успеал да избега. Притоа, во Злетово останал само еден човек кој се скрил под воденично коло на една воденица, а неговата жена во некоја пештера во месноста Пешни.
По погромот и уништувањето на селото, локалните отомански спахии и бегови ги откупиле злетовските робови од Кримските Татари. Сепак, за обнова на селото се чекало подолг временски период. Во почетокот на XIX век, во Злетово е забележано како врз темели на старо светилиште се гради црква, било отворено првото училиште, што претставувало напредок и враќање на животот во населбата. Меѓутоа, во последните три-четири декади на XIX век и првите години од XX век, доста се засилила [[Обид за поделба на македонските епархии меѓу Патријаршија и Егзархија|поделбата на „патријаршисти“ и „под врховенството на Бугарската егзархија“]]. Поделбата била најизразена меѓу оној дел од населението што го сочинувале учителите, свештениците и трговците, кои требало да бидат своевидна елита, првенци во осовременувањето и подигањето на националната свест.
Илинденски период
уредиМеѓу првите злетовчани кои се вклучиле во мрежата на ТМОРО биле Кузман Јосифов, учителот Димитар Воденичаров и куририте Зафир П. и Тасе М. За време на познатата Виничка афера, од Злетово биле уапсени Кузман Јосифов и учителот Димитар Воденичаров, додека игуменот Козма од Лесновскиот манастир бил осуден на 101 година затвор во Бодрум Кале во Мала Азија.
За време на Илинденското востание, на 6 километри североисточно од Злетово, во село Луково била водена голема битка меѓу здружените чети на македонските востаници (околу 100 на број) и турскиот аскер од гарнизоните во Злетово, Кочани, Кратово и Крива Паланка. Во тие борби загинале триесетина востаници, меѓу кои војводите Никола Дечев и Глигур Манасиев. Меѓу загинатите бил и полскиот студент од еврејско потекло Јулиј Розентал, кој во Софија се запознал со идеите и борбата на македонскиот народ и се приклучил во редовите на организацијата.
Во време на Хуриетот, војводата Тодор Александров, под изговор дека е завршено комитството, ги наговорил војводите Јордан Спасов и Јордан Секулички да ги распуштат своите чети. По нивното разоружување, тие биле соблечени голи, врзани за дрвени столбови, нападнати од инсекти и убиени.[7][8]
Период на двете светски војни
уредиВо периодот меѓу двете Балкански војни, Злетовска Река била граница меѓу српската и бугарската окупациска зона. Со оглед на тоа што Злетово е сместено на десниот брег од реката, тоа во целост било под контрола на српските власти. Околу една седмица пред започнувањето на Втората балканска војна, злетовскиот војвода на ВМРО Славчо Абазов со својата чета се обидел преку Злетово да навлезе зад српските упоришта. Неговиот обид бил одбиен со жртви на двете страни. Како последица на неговиот обид, речисо целото Долно Маало било запалено, а населението побегнало во Ќустендил.
Во текот на Првата светска војна, Злетовската област потпаднала под бугарска окупација во октомври 1915 година. Во нејзин состав се наоѓале оние Македонци кои избегале за да не станат регрути во српската војска, оние што ја одбегнале мобилизацијата, оние што биле заробени од австроунгарската војска во војната со Србија, како и оние кои биле заробени од бугарската војска откако таа стапила во војна против Србија. Со воспоставувањето на власта во Македонија, бугарските власти започнале со мобилизација на населението способно за војска и го испраќале на фронтот во борба против српската војска во чиј состав се наоѓало пред тоа. Бугарските власти ги мобилизирале сите луѓе од 18 до 60 години. Бројот на загинати борци во војната од Злетово изнесувал 10 лица.[9]
Во периодот меѓу двете светски војни, Злетово во административна смисла било прогласено за „варошица“ благодарение на тогашните инфраструктурни одлики. Меѓутоа, во општествено-политичка смисла, имајќи предвид дека претставувало врска за навлегување на четите на ВМРО во Македонија, во целост било надвор од законодавството на Кралството СХС. Во тоа време, Злетово и Кратовската околија биле силно погодени од грабежите и насилствата во Вардарската бановина. Особено озлогласен бил војводата Мино Станковиќ, за кого селаните велат дека во периодот од 1920 до 1940 година имал свое војводство во Источна Македонија. На 8 ноември 1931 година, 140 граѓани од Кратовско-злетовскиот и Пробиштипскиот крај потпишале жалба против војводата Мино и истата била упатена до кралот Александар Караѓорѓевиќ и до претседателот на тогашната влада Петар Живковиќ во Белград. Тужбата била напишана на 140 страници, а нејзин препис се наоѓа во Институтот за национална историја во Скопје. Во неа било наведено дека војводата Мино од обичен алваџија за кратко време станал газда на огромен имот од неколку стотици хектари земја од прва класа, на големи кории богати со шума, голем број воденици, на повеќе десетици стада овци и говеда речиси во сите села од регионот. Сепак, оваа тужба и уште една потпишана од 44 кратовци проследена до тогашниот намесник за овој регион Павле Карагоргевиќ останале во фиока, а војводата Мино наместо да биде казнет, во 1937 година бил назначен за посланик за Кратовско-злетовската околија. Со започнувањето на Втората светска војна, Мино побегнал од Македонија и преку Солун се преселил во САД.[10]
Во Народноослободителната борба за време на Втората светска војна, од Злетово загинале 4 лица.
Повоена историја
уредиПо Втората светска војна, Злетово започнало забрзано да се индустријализира и модернизира, а во него биле воспоставени повеќе општествени установи. Согласно административно-територијалната поделба на Македонија, тоа претставувало општина до 1955 година и во периодот од 1996-2004 година, додека во периодот од 1955-1996 и по 2004 година било во склоп на Општина Пробиштип. Како еден од најголемите предизвици во селото е големата невработеност, што придонесува кон отселување на дел од населението во поголемите градовите во Македонија или во странство.
Стопанство
уредиМеѓу двете светски војни, Злетово било прогласено за „варошица“, односно гратче и во него се среќавале елементи на градското стопанство. Така, во него имало 9 бакалници, 2 мануфактурни дуќани, 2 кафеани и 32 занаетчиски дуќани. Меѓу нив преовладувале каларите, шивачите, ковачите, кожушарите, грнчарите итн. Со индустријализацијата и модернизацијата на Македонија, овие занаети полека изумиреле. Денес, во селото има неколку конфекции во кои е вработен најголемиот дел од женското население, додека машкиот, особено помладиот дел од населението, е во странство. Иако селото во споредба со првата половина на XX век е далеку поразвиено, со нови современи куќи, водовод, канализација и улици, невработеноста останува основен проблем поради кој се јавуваат сериозни закани за интензивирање на отселување на населението.
Земјоделство
уредиВкупната површина на обработливо земјиште во рамки на селскиот атар изнесува 331,1 хектари, на пасишта отпаѓаат 441,9 хектари, а на шуми 148,5 хектари.[2]
Со оглед на својата местоположба, на излезот од клисурата на Злетовска Река, селото отсекогаш имало многу погодни природно-географски услови за земјоделско производство. Во Злетовско поле има дебели пластови земја составена од терцијални езерски сегменти помешани со вулкански материјал, свлечен од околните еруптивни висови. Благодарение на поволната клима, покрај традиционалните култури, во селото има услови за одгледување на ориз, памук, афион и други јужни култури. Во XIX век, во селото бил изграден погон со користење на водена сила и работилница за производство на шарлаган, односно зејтин кој се извезувал до Ќустендил.
Сточарство
уредиСточарството исто така е значаен економски фактор, затоа што во североисточниот дел се наоѓаат пространи летни пасишта кои овозможуваат одгледување на голем број на добиток. Во XIX век, карактеристично било т.н. „суватчиско сточарење“. Трговците и месарите од Злетово на пролет откупувале јарци, овци, кози кои преку летото биле на испаша во планина, а на есен ги продавале главно на солунски трговци. Ѓорче Петров навел дека на крајот од XIX век, во Злетово имало 10 коларски работилници во кои годишно се изработувале околу 800 дрвени двоколки. На неговиот пазар се продавале околу 300 крави, 700-800 глави друг добиток и за 20-30 илјади гроша дрвен градежен материјал.
Рударство
уредиТретата стопанска гранка е рударството. Терцијалните вулкански активности создале големи количества на рудно богатство во Кратовско-злетовската рударска област. Во околината на селото се среќаваат богати наоѓалишта на оловно-цинкова руда, односно минералите сидерит, кварцит, барит и пирит кои содржат главно олово и цинк, како и мали количини на сребро. Експлоатацијата на рудното богатство било интензивно во римско време. Така на пример, главната рудна жила бр. 1 во добревското рудиште и денес се именува како „римска јама“. Со доселувањето на Словените, оваа дејност замрела. По освојувањето на овие простори од страна на царот Стефан Душан, рударството во овој крај повторно заживеало. Особено висок подем во развојот настанал со доселувањето на Сасите. Тие биле врвни европски рудари, кои ги обновиле старите римски рудници и отвориле нови јами и рудокопи, а Злетово и неговата околина станале познати со производство на големи количини на олово, сребро, бакар и железо.
По Маричката битка и навлегувањето на Османлиите, Сасите се преселиле во Босна, а рударството како гранка значително опаднала. Меѓутоа, со мерките преземени од страна на султанот Сулејман Величествениот, рударството повторно заживеало и се интензивирало. Со Австриско-турската војна од 1689 година и Карпошовото востание, Сасите и голем дел од населението го напуштиле овој крај и се преселиле преку реките Сава и Дунав. Со тоа, дејноста била речиси целосно напуштена. Отоманските власти направиле обиди преку закрепастување на месното население повторно да го обноват рударското производство, но истите биле неуспешни. Направен бил обид за интензивирање на рударството и со изградба на нова топилница на Злетовска Река над Злетово која работела до 1882 година и со користење водена енергија од реката, но рударското производство во XVIII и XIX век не успеало да го постигне нивото од XVI век. Во периодот по Кримската војна, рударството било прекинато.
-
Сидерит
-
Галенит
-
Сфалерит
Енергетика
уредиВо непосредна близина на Злетово, по течението на Злетовска Река, е изграден хидросистемот „Злетовица“, кој обезбедува снабдување со вода за околу 100.000 жители од општините Кратово, Пробиштип, Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово, наводнување на земјоделско земјиште на над 4.500 хектари, а служи и за производство на електрична енергија.[11]
Население
уредиКако последица на поволната местоположба и природно-географските погодности, Злетово било населено уште од античко време и во раниот среден век, а во него бил развиен општествен, стопански и политички живот. Особен демографски напредок бил постигнат во времето на царот Стефан Душан, што се должи на интензивниот развој на рударството. Во тоа време, селото прераснало во посебна економско-политичка единица, т.н. Злетовска жупа и станало седиште на Злетовската епископија.
По паѓањето под отоманска власт и со нагласеното иселување на Сасите, населението во селото започнало да се намалува. Според турскиот попис во 1573 година, кој главно бил наменет за одредување на даночните намети, во Злетово се евидентирани 85 домaќинства, 50 неженети лица и 5 вдовици. Ако се има предвид дека се работело за патријахални домаќинства со по најмалку 10 членови, тогаш селото се претпоставува дека имало не помалку од 1.000 жители. Во периодот по Австриско-турската војна и Карпошовото востание, населението било делумно усмртено, а дел од жителите се иселиле. Некои се преселиле дури преку реките Сава и Дунав.
Обновата на Злетово започнала кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Тоа е време кога се изградила црква, се отворило првото училиште, а нешто подоцна и стопански објекти, меѓу кое е топилницата за олово која наметнувала потреба од поголем број работници. Ѓорче Петров во своите спомени навел дека во последната декада на XIX век во Злетово имало 120 куќи, од кои 50 турски. Во таен извештај од 1892 година се споменува дека 13 куќи во селото ја признале Цариградската патријаршија.[12] Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Злетово имало 920 жители, од кои 670 Македонци, 230 Турци и 20 Роми.[13] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Злетово имало 960 жители, сите Македонци.[14]
По Балканските војни и иселувањето на Турците, населението во селото незначително се намалило, бидејќи населението од околните села ги откупувало имотите на Турците и се преселувале во Злетово. По завршувањето на Првата светска војна, Злетово на демографски план растело поради доселување од околните планински села. Ова нешто е посебно изразено во третата декада од XX век, односно во периодот пред Втората светска војна. Кога селото било прогласено за „варошица“, тоа имало општинска администација, жандармериска станица и училиште, а голема група работници со своите семејства се доселиле заради работа во рудниците во селото Добрево. Ова население со почетокот на нападот на Југославија во Втората светска војна го напуштило селото. За време на бугарската окупација, не се забележани позначајни промени во развојот на населението.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 950 Македонци.[15]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во повоениот период, и покрај запоставувањето на селото и земјоделската активност, како последица на културно-просветната активност и здравствената заштита, во селото се забележува засилен пораст на населението. Тоа е резултат на урбанизацијата и модернизацијата како на СФРЈ, така и на Македонија, при што отворени биле нови индустриски капацитети, се развиле услужните дејности и другите институции. Сепак, демографските тенденции во поново време бележат негативен тренд поради иселувањето на работоспособното население во Скопје и во другите урбани подрачја или во странство.
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 2.477 жители, од кои 2.471 Македонец, 2 Срби, 1 Влав и 3 други. Бројот на домаќинства изнесувал 733, а бројот на живеалишта 969.[16]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.036 жители, од кои 1.946 Македонци, 1 Албанец, 1 Влав, 3 Срби, 3 останати и 82 лица без податоци.[17]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 920 | 960 | 1.232 | 1.324 | 1.495 | 1.648 | 2.102 | 2.351 | 2.459 | 2.477 | 2.036 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[18]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[19]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[20]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[21]
Родови
уредиЗлетово е македонско село.[22]
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
- Староседелци: Божиќевци (5 к.), Суќевци (6 к.), Бачковци (6 к.), Ѓоргевци (4 к.) и Шошолци (3 к.).
- Доселеници: Гребенаровци (6 к.) и Пиколци (5 к.), најстари доселеници, доселени се на почетокот од XVIII век од Прилепско; Карастојковци, Андрејци и Гуцевци (44 к.), стари доселеници, потекнуваат од дедо Стојко кој се доселил од Малешевијата (беровско); Анѓелковци или Дапчевци (11 к.) и Поп-Јаќимовци (8 к.), и тие се многу стари доселеници, доселени се во XVIII век од кривопаланечкото село Дурачка Река; Шондарци, Јовановци и Деповци (15 к.), Момчаковци (5 к.), Симоновци (3 к.), Ничовци (5 к.), Поп-Јовановци (3 к.), Терзијци (2 к.) и Аџи Мишевци (2 к.), доселени се во различен период од селото Лесново; Спасовци (3 к.), Зајковци (3 к.), Бојковци (2 к.) и Витановци (4 к.), доселени се од селото Луково, каде нивните предци дошле во XVIII век од Горна Пчиња и околината на Босилеград; Крстевци (2 к.), Грбевци (2 к.) и Ковачовци (2 к.), доселени се од селото Јамиште во XIX век; Дедо-Митревци (8 к.), Карадаци (5 к.), Митевци (2 к.), Ѓугинци (2 к.), Трајчевци (3 к.) и Ковачи (2 к.), доселени се во XIX век од селото Зеленград; Ратковичанци (3 к.), Пешовци (2 к.) и Јанковци (1 к.), доселени се од селото Шталковица; Бутачи (2 к.), доселени се од селото Неокази; Алексовци (2 к.), доселени се од селото Трипатанци; Смилевци (2 к.), доселени се од селото Бунеш; Мицајски (2 к.), доселени се од селото Горни Стубол; Максимовци (2 к.), доселени се од селото Марчино; Коцевци (3 к.), доселени се од селото Калниште; Кацарци (3 к.) и Кузмановци (2 к.), доселени се од селото Добрево; Штурковци (3 к.), доселени се од селото Пантелеј кај Кочани; Баба Петринци (2 к.), доселени се селото Трновац кај Кратово; Пандовци (1 к.) и Панајотовци (1 к.), доселени се од Егејска Македонија; Мијалковци (1 к.), доселени се од Велешко; Поп-Стефановци (6 к.), Симчевци (3 к.), Џоневци (2 к.), Шапчевци (2 к.), Каличевци (2 к.), Тртевци (1 к.) и Топуковци (1 к.), доселени се од Кратово; Гајдарџиски (2 к.), Караѓоргевци (1 к.), Спасиковци (1 к.) и Средзимовци (1 к.), доселени се од Штип.
- Срби: Милорад Јаремиќ (1 к.), се доселил во времето на предвоена Југославија од селото Дучиќи кај Колубара.
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Кирил и Методиј“, подрачно деветгодишно основно училиште во состав на ОУ „Браќа Миладиновци“ - Пробиштип
- Првото училиште во Злетово било отворено во 1831 година. Тоа припаѓало на т.н. „старовремска школа“, односно некаков облик на приватна работа на даскалот, кој својата просветителска дејност ја врзувал за некој друга, обично занаетчиска дејност. Организацијата и материјалната страна на старовремското училиште била во надлежноста на населението на селото во кое истото е отворено. Овој вид на училиште имало повеќе морално-религиозен карактер отколку образовен. Првиот учител од 1831 година бил Ѓорѓи Мицов од Злетово, а оттогаш па сè до 1889 година, кога престанало старовремското школо, во училиштето постојано имало учители.
- Современиот метод на настава започнал во последната декада на XIX век, како резултат на црвено-просветните и политичките пропаганди на соседните земји и нивните донации со учебници, училишни помагала, испраќањето на учители, изградбата на училишни згради итн. Пради зголемиот број на ученици, црковно-училишниот одбор во почетокот на XX век се обидел да отвори класно училиште. Тоа нешто се случило во учебната 1910-11 година и имало две генерации — прв и втор клас. Со отпочнувањето на Балканските војни, класното училиште било укинато.
- Во периодот по Втората светска војна, во Злетово било отворено основното осумгодишно училиште „Маршал Тито“, кое по независноста на Македонија било преименувано во „Кирил и Методиј“.
- Детска градинка „Гоце Делчев“
- Пошта (2212)
- Дом на културата
- Амбуланта
- Ветеринарна станица
-
Детската градинка
-
Дом на културата
-
Спортската сала на училиштето
-
Поштата
-
Влезот во градинката
-
Основното училиште
Самоуправа и политика
уредиПо завршување на Втората балканска војна, со тогашната територијлна поделба, Злетово како општина е определено во Кумановскиот округ, иако истото било оддалечено 14 часа одење од Куманово, а само 6 часа од Штип. Поради тоа, бил подготвен проект во кој било констатирано дека злетовската околина е голема по површина и број на жители, така што би можела само по себе да претставува една добра околија со седиште во Злетово. Меѓутоа, проектот наскоро бил заборавен и предлогот не бил спроведен сè до завршувањето на Втората светска војна.
Во повоениот период, Злетово во првата територијлно-административна поделба на НР Македонија било седиште на Злетовската околија. Но, по неполна година, околијата била укината и Злетово било вратено на ниво на општина. Со тогашната административно-територијална поделба, околу педесетина населби од Злетовската област како природно-географска целина биле распределени во четири општини, и тоа: најголемиот број во Општина Пробиштип. четири во Општина Кратово, две во Општина Крива Паланка и една во Општина Кочани. Особено карактеристичен бил случајот со селото Рајчани, коешто е во непосредна близина на Злетово и жителите од ова село своите потреби ги задоволувале во Злетово, но административно е дел од Општина Кочани. Во 1955 година, Општина Злетово била укината и истата била додадена на големата општина Пробиштип. Во 1996 година, со тогашната ревизија на административно-територијалната поделба на Македонија на Злетово повторно му е вратен статусот на општина. Сепак, со административната поделба од 2004 година, општината повторно била укината и влегла во склоп на Општина Пробиштип, односно била вратена состојбата од поделбата во 1955 година.
Избирачко место
уредиВо селото постојат изборните места бр. 1565, 1566 и 1566/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[23]
На претседателските избори во 2019 година, на овие изборни место биле запишани вкупно 1.864 гласачи.[24] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.845 гласачи.[25]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[26]
- Баочар — утврдување од римско и доцноантичко време;
- Долна Марена — населба од доцноантичко време;
- Сува Долина — наоди од палеолитско време; и
- Туралевци — утврдена населба и некропола од доцноантичко време.
- Цркви[27]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главната селска црква, заштитен споменик на културата[28]
- Црква „Св. Илија“ — гробишна црква од XX век;
- Црква „Св. Богородица Балаклија“ — манастирска црква на Злетовскиот манастир.
- Црква „Св. Трифун“ — црква во урнатини, заштитен споменик на културата;[28]
- Манастири
- Злетовски манастир — метох на Лесновскиот манастир.
- Споменици
- Спомен-плоча посветена на загинати борци (на зградата на ПТТ).[29]
- Реки
-
Селската црква „Успение на пресв. Богородица“
-
Црквата „Св. Богородица Балаклија“ во Злетовскиот манастир
-
Гробишната црква „Св. Илија“
-
Конаците на Злетовскиот манастир
-
Крст над селото
Цркви
уредиЗлетово е познато и како седиште на Злетовската жупа и посебно како седиште на Злетовската епископија. Иако не се знае точниот број на сите цркви и манастири, во историските документи и извори се споменуваат црквите „Св. Димитриј“ и „Св. Никола“. За овие цркви има податоци од една повелба на деспотот Констатин Дејанов, кој во 1380 година ги приложил на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Света Гора. Покрај овие, во селото се споменуваат и две други: црквата „Св. Архангел Михаил“ и црквата „Св. Илија“. Од нив, црквата „Св. Илија“ била приложена во Лесновскиот манастир од страна на царот Стефан Душан. Денес, селото е седиште на Злетовската парохија, а во самото село и неговата непосредна близина се наоѓаат неколку цркви и два манастири.
Редовни настани
уредиСлава на селото е празникот Илинден, односно 2 август. На тој ден обично селото го посетуваат отселените роднини и пријатели, но голем е бројот и на случајните посетители. Прославата на празникот се врши за постарите, кај гробишната црква „Св. Илија“. Таму, од доброволни прилози се коли курбан и се готви јадење, обично т.н. „манастирска манџа“. За оние кои не можат да присуствуваат, храна за здравје им се принесува дома. Младото население приредува спортски натпревари во фудбал, мал фудбал и ракомет. Се одржуваат и културно-уметнички, главно фолклорни манифестации, а се ангажираат и оркестри од лимени инструменти, со што празникот се прославува и со песни и ора.
Празникот Водици или меѓу месното население познат како „Богојавление“ како црковно-народна манифестација е интересен поради посебниот начин на празнување во Македонија. Традиција од минатото е сите младоженци кои стапиле во брак во последната година да се соберат околу подлабок вир на Злетовска Река и да се натпреваруваат за крстот кој свештениците го фрлаат по читањето на духовните пораки. Потоа, кај младоженецот кој го фатил крстот се оди на посета, му се честита, му се пожелува среќа нему и на неговото семејство, а тој ги чести со вино, ракија и храна.[30]
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Злетово
- Славчо Абазов (? - 1928) — кратовски војвода на ВМРО;
- Милан Генов (1877-1928) — македонски фармацевт;
- Георги Димитров (1893-1922) — деец на ВМРО;[31]
- Георги Леков (? - 1922) — деец на ВМРО;[31]
- Димитар Антонов (1879 - ?) — капетан на бугарската армија;
- Ибаш Чауш — деец на ВМРО;
- Тасе Милосов (1872-1908) — кратовски војвода на ВМРО;
- Стојан Тарапуза (р. 1933) — писател за деца.
- Починати во Злетово
- Миле Михајловски (1926-1944) — македонски партизан
Култура и спорт
уредиВо текот на 1950-тите, во Злетово бил основан фудбалскиот клуб „Младост“. Денес, во селото постои фудбалскиот клуб Злетовица, кој во минатото настапувал под името „ФК Акумулатори“. Во сезоната 2003-04, ФК Злетовица настапувал во Втората фудбалска лига на Македонија, но по седум одиграни кола, клубот се откажал од понатамошното натпреварување.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 131.
- ↑ Клима, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
- ↑ Снегаров, Иван. „История на Охридската архиепископия“, т.1. Второ фототипно издание. София, Академично издателство „Марин Дринов“, 1995, [1924]. с. 175 – 176.
- ↑ Новаковић, Стојан. „Законски споменици српских држава средњега века“, Београд, 1912, стр.514.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, опширен пописен дефтер за Ќустендилскиот санџак од 1570 година, том V, книга V, Архив на Македонија, Матица Македонска, стр. 289
- ↑ Динев, Ангел. „Илинденска епопеја“, том II. Скопје 1949.
- ↑ Думбалаковъ, Михаилъ. „Презъ пламъцитѣ на живота и революцията“, томъ І. София, 1937, стр. 202.
- ↑ Ц., В. „Балканските војни и Првата светска војна најтрагично македонско минато“. Утрински весник. Посетено на 9 мај 2007.[мртва врска]
- ↑ Ј., Т. „Потомците си ги вратија нивите на контроверзниот Мино војвода“. Вест. Посетено на 27 август 2005.[мртва врска]
- ↑ „Студија за оцена на влијанието врз животната средина од изградба на систем за наводнување и хидроелектрични централи во хидросистемот Злетовица“ (PDF). Скопје: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. октомври 2015. Посетено на 6 декември 2016.
- ↑ Георгиев, Величко, Стайко Трифонов. „История на българите 1878 – 1944 в документи“, том 1 1878 – 1912, част втора. стр. 297.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 222.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 9 декември 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Апостолов Александар; Кондев Тодор; Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област-Географско-историски осврт. Скопје.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-11-13. Посетено на 19 ноември 2022.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 28,0 28,1 Список на заштитени добра. Состојба до 31.12.2012. Скопје: Управа за заштита на културното наследство.
- ↑ Споменичко наследство — Споменици и спомен обележја, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
- ↑ Манифестации — Празниците на Пробиштип, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
- ↑ 31,0 31,1 Михайлов, Иван. „Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924“. Льовен, 1965, стр. 704.
- Литература
- Стојановић, Љубомир. „Стари српски записи и натписи“, том 3. Београд, 1903.
- Апостолов, Александар, Кондев, Тодор, Керамидчиев, Апостол, Василевски, Ангел, Арсениевски, Лазо и Домазетовски, Стоимир. „Злетовска област, географско-историски осврт“. Скопје, 1974.
- Урошевиќ, Атанасије. „За некои топоними во Македонија“. Географски разгледи 2-2. Скопје, 1965.
- Кондев, Тодор. „Осоговија“. Зборник на ПМФ. Скопје, 1966.
- Иванов, Йордан. „Северна Македония. Исторически издирвания“. София, 1906.
- Петров, Ѓорче. „Спомени на Ѓорче Петров“. ИНИ. Скопје, 1950.
- Николовски, Антоние, Ќорнаков, Димитар и Балабанов, Коста. „Споменици на културата во СР Македонија“. Скопје, 1971.
- Динев, Ангел. „Илинденска епопеја“, дел II. Скопје, 1949.
- Иванов, Йордан. „Български старини из Македония“. БАН. София, 1931.
- Јиричек, Константин. „Историја Срба I Архивирано на 5 март 2016 г.“. Београд, 1952.
- Новаковић, Стојан. „Срби и Турци XIV и XV века“. Чупићева задужбина. Београд, 1893.
- Симић, Стеван. „Историја кратовске области“. Београд, 1914.
- „Мала енциклопедија Просвета“. Просвета. Београд, 1959.
- „Пописи становништва и домаћинстава 1958-1981. Савезни завод за статистику БГД.