Картел е формален (експлицитен) договор помеѓу претпријатија. Тоа е формална организација на производители кои се договараат да ги координираат цените или производството.[1] Картелите обично се јавуваат во олигополистичка индустрија, каде има мал број на продавачи и вообичаено опфаќа хомогени производи. Членовите на картелот може да се договорат за прашања како на пример договор за цените, вкупното индустриско производство, делови од пазарот, поделба на потрошувачи, распределување на територии, манипулирање со понудата, основање на заеднички претставништва за продажба, поделба на профит и комбинација на овие. Целта на таквата соработка е да се зголеми добивката на поединечните членови преку намалување на конкуренцијата. Законите за конкуренција ги забрануваат картелите. Идентификувањето и растурањето на картелите е значаен дел од политиката за конкуренција во поголемиот број земји, иако да се докаже постоењето на картелите ретко кога е лесно, бидејќи претпријатијата вообичаено не се толку невнимателни за да ги стават договорите за заговарање во писмена форма.[2][3] http://en.wikipedia.org/w/index.php?title=Cartel&action=edit Неколку економски истражувања и правни одлуки на органите против монополите дошле до заклучокот дека зголемувањето на средната цена постигнато од картелите во последните 200 години е околу 25%.Просечното зголемување на цената кај приватните меѓународни картели (оние со учесници од две или повеќе земји) изнесуваше 28%, додека кај домашните картели просечно изнесуваше 18%. Помалку од 10% од сите картели вклучени во испитувањето не успеале да ги зголемат пазарните цени.

Форми на картели

уреди

Треба да се направи разлика помеѓу јавни и приватни картели. Кога станува збор за јавни картели, владата може да ги утврди и спроведе правилата во врска со цените, производството и други такви прашања. Картелите за извоз и шпедитерски здруженија се примери за јавни картели. Во многу земји, за време на рецесија се дозволуваат картелите во индустриите за кои се смета дека имаат потреба од стабилност на цените и производството и/или за да се овозможи рационализација на структурата на индустријата и прекумерниот капцитет. Во Јапонија на пример, такви договори се допуштаат во индустријата за топење челик, алуминиум, бродоградбата и разновидни хемиски индустрии. Јавните картели биле, исто така, дозволени и во Соединетите Американски Држави за време на Големата економска криза во 1930-тите години и продолжиле да постојат некое време по Втората светска војна во индустриите, како ископување на јаглен и производство на нафта. Картелите имале голема улога и во германската економија во периодот меѓу двете светски војни. Меѓународните договори за стока вклучувајќи производи како кафе, шеќер, калај и од неодамна нафта (OPEC) се примери за меѓународни картели кои јавно наметнале договори меѓу различни национални влади. Картелите за време на кризи биле, исто така, организирани од владите за различни индустрии или производи во различни земји за да се договорат цените и да се ограничи производството и распределбата во периоди на сериозни дефицити.

Историски набљудувано, картелите во САД биле формирани врз основа на неформални тајни договори меѓу фирмите од определена индустрија. Во Германија, картелите меѓу двете светски војни претставувале формални здруженија при што секоја фирма добивала своја производна квота, определена врз основа на нејзиниот капацитет кој бил проценуван од независни експерти. Притоа, фирмите кои ги надминувале квотите плаќале казни, додека фирмите кои не ги искористувале своите квоти добивале награди, а во некои картели постоело меѓусебно продавање на квотите во рамките на картелот. Понатаму, во некои индустрии постоеле заеднички агенции за продажба на производите, а во други купувачите се распределувале на одделните членки на картелот.[4]

Во споредба, приватните картели вклучуваат договор за начинот и условите од кои членовите добиваат заемна корист, а кои не се знаат и нема веројатност дека ќе бидат откриени од надворешни страни. Во многу судски надлежности, приватните картели се сметаат за нелегални и се смета дека ги кршат законите против монопол.[2]

Теорија на картелите

уреди

Картелот се основа ако неговите членови веруваат дека може да ја зголемат својата добивка со меѓусебна соработка. Иако картелите најчесто се основаат на олигополските пазари, сепак тие можат да се појават и на конкурентските пазари. Во тој поглед се поставува прашањето: зошто конкурентското претпријатие кое веќе ја максимизира својата добивка би сакало да влезе во картел? Одговорот на ова прашање е суптилен: економската теорија тврди дека на конкурентските пазари, претпријатието го определува обемот на своето производство раководејќи се само од својата добивка при што го занемарува влијанието на своето производство врз добивката на другите претпријатија. Наспроти тоа, картелот го зема предвид ефектот на промената на производството на едно претпријатрие врз добивката на сите други претпријатија. Разликата е во тоа што, на конкурентскиот пазар, ако едно претпријатие го намали своето производство, тоа ќе има никакво или само мало влијание врз пазарната цена, и тоа толку мало што е занемарливо не само за тоа претпријатие, туку и за сите други претпријатија на пазарот. Меѓутоа, ако сите конкурентски претпријатија го намалат своето производство, тоа ќе предизвика значително влијание врз пазарната цена. Искористувајќи го ефектот на ваквата заедничка акција, картелот избира помал обем на производство во споредба со совршената конкуренција.[5]

Во картелот, секоја фирма добива квота во вкупното производство, така што при n фирми, квотата изнесува 1/n. на тој начин, секоја фирма се соочува со поединечна побарувачка еднаква на 1/n од вкупната пазарна побарувачка. Секоја фирма произведува еднакво производство (1/n), а профитот го максимизира на точката во која се сечат маргиналниот приход и маргиналниот трошок, а цената зависи од производството на фирмата. Ако фирмите во картелот не се многу големи и немаат влијание врз вкупната понуда, тогаш секоја фирма има поттик да излезе од картелот, зашто така таа ќе продава по цената одредена од картелот, но ќе може да го зголеми производството над квотата и со тоа ќе го зголеми профитот. Тоа создава тешкотии во одржувањето на картелот. Друг проблем со кој се соочува картелот е можноста маргиналните трошоци на членките да се разликуваат меѓу себе; тогаш, некои членки ќе претпочитаат повисока цена, а други пониска поради што не може да се определи цената која ќе го максимизира профитот на картелот. Овој проблем може да се реши ако картелот дозволи продажба на квотите меѓу неговите членки. Понатаму, ако квотите се одредуваат во зависност од производниот капацитет на членките на картелот, тогаш секоја фирма има интерес да инвестира во зголемување на капацитетот, зашто така ќе добие поголема квота и ќе оствари повисок профит. Најпосле, ако членките на картелот имаат квоти, тоа создава можност за влез на нови фирми во индустријата кои ќе произведуваат повеќе од квотите, но по истата цена; оттука, картелот ќе биде принуден на новите фирми кои влегуваат во индустријата да им понуди поволни услови за да ги привлече во картелот.[6]

Долгорочна неодржливост на картелите

уреди

Картелите се распаѓаат поради различни причини. На пример, картелот е неуспешен ако другите претпријатија, кои не се членови на картелот, можат да ги снабдат потрошувачите со големи количества од производот. Таков е случајот со меѓународниот картел што го основале производителите на бакар, кој не бил успешен поради конкуренцијата од претпријатијата што произведуваат бакар од отпадот. Друга причина за неуспехот на картелот е мотивот на неговите членови да мами, односно да го прекрши договорот. Имено, бидејќи секој поединечен член е само мал дел од картелот, неговото зголемување на производството, доколку сите други членови го почитуваат договорот, нема да предизвика пад на пазарната цена, а тоа претпријатие ќе оствари повисока добивка. Ако вака се однесуваат повеќе претпријатија, тогаш картелот се распаѓа.[7]

Некои тврдат дека картелите по природа се нестабилни преку аргументи од теоријата за игра, особено преку играта дилема на затворениците. На двајцата затвореници им е подобро кога остануваат тивки (односно, кога соработуваат) отколку кога двајцата одлучуваат да извршат измама (да отстапат од договорот, односно, да се натпреваруваат). Меѓутоа, ако само еден од двајцата затвореници изврши измама додека другиот остане тивок, првиот би бил слободен, што е сепак поповолно за него отколку да мора да остане во затвор шест месеци.

Истото може да се случи и во картел ако пазарот по природа е ограничен (во контраст со пазарот што продолжува да постои бесконечно: додека на неговите членови им е подобро да бидат дел од договорот отколку да се натпреваруваат, отстапувањето (на пример со намалување на својата цена) би можело да значи заземање голем дел од пазарната побарувачка и остварување големи профити. Со други зборови, членовите на картелот секогаш имаат мотив да отстапат од својот договор што објаснува зошто генерално е тешко картелите да се одржат долгорочно. Емпиричните истражувања за картелите од 20 век утврдија дека просечното траење на откриените картели е од 5 до 8 години. Сепак, откако ќе се растури картелот, мотивот да се формира картелот се враќа и картелот може повторно да биде формиран.

Дали членовите на картелот ќе изберат да го прекршат договорот ќе зависи од тоа дали краткорочните добивки од прекршувањето ги надминуваат среднорочните и долгорочните загуби што произлегуваат од можното растурање на картелот (од оваа причина, и во Играта за дилемата на затворениците, рамнотежата се менува ако играта се игра еднаш или ако, наместо тоа, се повторува). Релативната големина на овие два фактори делумно зависи од тоа колку е тешко за претпријатијата да надгледуваат дали има придржување до договорот и од значајноста на краткорочните добивки во однос на долгорочната добивка. Колку подолго претпријатијата во картелот можат да мамат без да бидат откриени, толку поголема ќе биде добивката од тоа. Поради тоа, доколку е тешко да се надгледува, тогаш колку е поголема веројатноста дека некоја страна од договорот ќе мами толку понеодржлив ќе биде картелот.

За да може да се одржи, картелот мора да биде способен да го надгледува однесувањето на членките и да го спречи мамењето. Исто така, картелот мора да го скрие своето незаконско однесување од државните агенции. За да го откријат мамењето, картелите користат различни техники. На пример, некои картели им даваат право на своите членови да ги испитуваат деловните книги на другите членки на картелот. Понатаму, картелот може да го подели пазарот на територијална основа, како што бил случајот со картелот за жива (1928-1972) во кој Шпанија ги добила пазарите во Јужна и Северна Америка, а на Италија ѝ припаднал европскиот пазар. Некои картели ги користат индустриските здруженија кои прибираат и објавуваат статистички податоци за одреден сектор од кои може да се согледаат производството и цените на одделните претпријатија. Во продолжение, картелите користат различни методи за да ги принудат членките на почитување на договорот. На пример, во минатото, Џенерал електрик и Вестингхаус, двајцата најголеми продавачи на генератори со парни турбини, во своите договори со купувачите ја вклучувале одредбата за „најповластена земја“ според која, ако продавачот му понуди пониска цена на кој и да било сегашен или иден купувач, тогаш истата цена мора да им ја понуди и на сите други купувачи, вклучувајќи и надомест за купувачите во минатото. Понекогаш, може да се случи дури и владите да обезбедат заштита на картелите. Таков е случајот со договорот од 1944 година, склучен меѓу САД и некои други држави со кој се воспоставил картел кој ги фиксирал цените на меѓународните авионски летови. Друг пример се професионалните екипи за бејзбол во САД, кои од 1922 година биле изземени од законите за спречување на конкуренцијата.[8]

Постојат неколку фактори што влијаат врз способноста на претпријатијата да го надгледуваат картелот:[9]

  1. Бројот на претпријатија во индустријата.
  2. Одликите на производите што ги продаваат претпријатијата.
  3. Производствени трошоци на секој член.
  4. Однесување на побарувачката
  5. Зачестеност на продажбите и нивни одлики.

Бројот на претпријатија во индустријата

уреди

Колку е помал бројот на претпријатија во индустријата, толку е полесно за членовите на картелот да го надгледуваат однесувањето на другите членови. Со оглед на тоа што откривањето на смалувањето на цените станува потешко како што се зголемува бројот на претпријатија, добивките од смалувањето на цените се поголеми.

Колку е поголем бројот на претпријатија толку е поверојатно дека една од тие претпријатија е неконформистичка претпријатие, односно, претпријатие позната по спроведување на енергична и независна стратегија за одредување цени. Дури и кога станува збор за концентриран пазар, со неколку претпријатија, постоењето на таква претпријатие може да го наруши колизиското однесување на картелот.[9]

Одлики на продадените производи

уреди

Врз способноста на картелот да надгледува а според тоа и на долгорочната одржливост на картелот ќе влијае и тоа дали производите продадени од картелите се хомогени или различни. Со хомогените производи не само што полесно се прават договори за цени и/или количини туку се олеснува и надгледувањето. Доколку производите се хомогени, претпријатијата знаат дека поверојатна е промена во нивниот дел од пазарот поради смалување на цените (или зголемување на количината) од страна на друг член. Наместо тоа, доколку производите се различни, промени во количините продадени од некој член може да се случат како резултат на промените на преференциите на потрошувачите или побарувачката. Во првиот случај, јасно е дека промената во побарувачката на една претпријатие се случува како резултат на мамење од друг член, додека во вториот случај членовите би можело да не мамат а сепак тендениите на побарувачката да се сменат.[9]

Трошоци за производство

уреди

Слични структури на трошоците кај претпријатијата во картел овозможуваат полесно координирање со оглед на тоа што претпријатијата ќе имаат слично максимизирачко однесување во поглед на цените и производството. Наместо тоа, ако претпријатијата имаат различни структури на трошоци тогаш секое ќе има различно максимизирачко однесување и како резултат на тоа ќе има мотив за одредување на различна цена и за произведување на различни количини. Промените во структурата на трошоците (на пример кога некое претпријатие воведува нова технологија), исто така дава предност над соперниците во поглед на трошоците, со тоа што повеќе ја отежнува координацијата и одржливоста.[9]

Однесување на побарувачката

уреди

Доколку една индустрија се одликува со променлива побарувачка (односно, побарувачка со циклични флуктуации) тоа им отежнува на претпријатијата во картелот да откријат дали таквите промени се како резултат на флуктуации на побарувачката или како резултат на мамење од страна на друг член на картелот. Поради тоа, надгледувањето е потешко во пазар со флуктуации на побарувачката.[9]

Одлики на продажбите

уреди

Како што е кажано, краткорочните добивки од мамењето (во однос на долгорочните добивки од колузијата) даваат поголема веројатност дека некој член ќе мами. Овие краткорочни добивки делумно ќе зависат од зачестеноста и бројот на продажбите. Ако продажбите не се чести (на пример на некои пазари за тендери каде претпријатијата можат да имаат десет договори за продажба) тогаш претпријатијата во картелот може да имаат мотив да ја намалат својата цена во однос на цената на другите продавачи и да го добијат договорот (со оглед на тоа што тие генерално знаат дека ќе има само неколку можни договори). Згора на тоа, колку е поголем бројот на производи за продавање толку е поголем мотивот за претпријатието да мами. Според тоа, мала зачестеност на продажбите придружена со големи количини на производи во секоја од овие продажби ги прави картелите помалку одржливи.[9]

Закони против картелите

уреди

Соединетите Американски Држави

уреди

Шермановиот закон против монополите од 1890 година ги прогласил за незаконски сите договори, здруженија и заговори што неоправдано ја спречуваат меѓудржавната и надворешната трговија. Ова вклучува нарушувања на картелот, како договор за цените, манипулирање со понудата и поделба на потрошувачите. Прекршувањата на Шермановиот закон што вклучуваат договори меѓу конкурентите обично се казнуваат како кривични дела.[10] Првиот успешен процес против картелите врз основа на Шермановиот закон бил оној против шест фирми од производството на челични цевки кои во 1894 година постигнале договор за поделба на пазарот во 35 американски држави. Притоа, определени градови биле резервирани за одделни фирми, а во овие градови другите фирми од картелот секогаш нуделе повисоки цени на тендерите за да победи привилегираната фирма. Во другите градови, цените биле одредени од страна на централниот комитет при што најпрвин сите фирми конкурирале со своите понуди пред комитетот, нудејќи му „бонус“, а фирмата со најголем понуден бонус го добивала правото да конкурира на официјалниот конкурс. Овие бонуси одвреме-навреме биле распределувани на членките на картелот согласно нивниот капацитет за прозводство.[11] Следниот важен закон во борбата против картелите во САД бил Законот за Федералната комисија за трговијата (Federal Trade Comission Act) од 1914 година.[12]

Европската унија

уреди

Законот за конкуренција на ЕУ експлицитно забранува картели и слични практики во член 81 од Договорот од Рим article 81 Архивирано на 26 септември 2008 г. of the Treaty of Rome. Овој член вели: 1.Следново се забранува како неспојиво со заедничкиот пазар: договори меѓу деловни субјекти, решенија на здруженија на деловни субјекти и заеднички практики што можат да влијаат врз трговијата меѓу земјите-членки а кои за свој предмет или последица го имаат спречувањето, ограничувањето или искривувањето на конкурентноста на заедничкиот пазар, а особено оние што:

(а) директно или индиректно се договараат за продажните цени или какви било други трговски услови;
(б) го ограничуваат или контролираат производството, пазарите, техничкиот развој или инвестирањето;
(в) делат пазари или извори за набавка;
(г) применуваат различни услови за еднакви трансакции со други трговски страни, притоа ставајќи ги во конкуренциски неповолна положба;
(д) склучуваат договори под услов другите страни да прифатат дополнителни обврски што, по нивната природа или според комерцијалната употреба, воопшто не се поврзани со предметот на таквите договори.

2.Сите договори или решенија забранети согласно овој член автоматски се неважечки.void.
3.Одредбите од параграф 1 може, сепак, да се прогласат за неприменливи во случај на:

- каков било договор или категорија на договори меѓу деловни субјекти,
- какво било решение или категорија на решенија од здруженија на деловни субјекти,
- каква било заедничка практика или категорија на заеднички практики,

што придонесува за унапредување на производството или дистрибуција на стоки или за унапредување на техничкиот или економски напредок, додека им допушта на потрошувачите просечен дел од придобивката што произлегува, а што не:

(a) им наметнува на односните деловни субјекти ограничувања што не се неопходни за постигнување на овие цели;
(b) им ја даваат можноста на таквите деловни субјекти да ја елиминираат конкуренцијата во однос на значителен дел од производите за кои станува збор.

Член 81 експлицитно забранува договори за цени и огранучување/контрола на производството, двата најзачестени вида на колизија меѓу картели. Законот за конкуренција на ЕУ исто така содржи и прописи за износот на паричните казни за секој вид на картел и попустлива политика според која ако некоја претпријатие во картел е прва што се откажува од договорот за колизија ослободена е од каква било одговорност. Овој механизам многу помогна за откривање на договори меѓу картели во ЕУ.

Примери

уреди
Луѓе од иста трговија ретко се среќаваат, дури и за веселба или разонода, но разговорот завршува со заговор против јавноста, или со некаков изум за зголемување на цените. :Адам Смит, Богатството на нациите, 1776 г.

Пример за нов меѓународен картел е оној создаден од членовите на Азиската федерација за тркање и документиран во Политиката за добри соседи потпишана на 1 септември 2003 година. Други добро познати примери се:

  • ОПЕК (OPEC): ОПЕК е картел создаден од неколку суверени држави (Ирак, Иран, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела) во 1960 година.[12]
  • De BeersDe Beers е картел од претпријатија што работат во истражување на необработени дијаманти.
  • Меѓународната корпорација за натпреварување (International Match Corporation-IMCO) на Иван Кројгер (Ivan Kreuger) од 1920-тите.
  • Меѓународното здружение на модни менаџери (International Model Managers Association, Inc.) за кое во 2004 година било обвинение за создавање картел кој неоправдано ги зголемувал провизиите што им се наплаќаат на моделите.[13]
  • Многу трговски организации, особено во индустрии управувани од неколку големи претпријатија, се обвинети дека претставуваат паравани за картели.
  • Иако за картелите вообичаено се мисли дека се група на корпорации, некои сметаат дека синдикатите се картели, бидејќи тие се залагаат да ја зголемат цената на трудот (платите) спречувајќи конкуренција.[http://www.cbe.csueastbay.edu/~sbesc/99septcol.htm[мртва врска]
  • некои дури и тврдат дека и набавувачите на пари може да формираат картел за да ја зголемат цената на парите (каматна стапка)[14] или да се стекнат со политичка моќ.[15]

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Sullivan, arthur; Steven M. Sheffrin (2003). Economics: Principles in action. Upper Saddle River, New Jersey: Prentice Hall. стр. 171. ISBN 0-13-063085-3. Архивирано од изворникот на 2016-12-20. Посетено на 2021-03-01.
  2. 2,0 2,1 Khemani, R. S. and D. M. Shapiro (1993): Glossary of Industrial Organisation Economics and Competition Law. Compiled by R. S. Khemani and D. M. Shapiro, commissioned by the Directorate for Financial, Fiscal and Enterprise Affairs, OECD, 1993. Downloadable [1].
  3. Economics A-Z. Glossary of Economic Terms done by www.economist.com. Term can be seen here
  4. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 230-231.
  5. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 427.
  6. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 232-236.
  7. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 429-430.
  8. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 430-431.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 Bishop and Walker (1999).
  10. Antitrust Enforcement and the Consumer U.S. Department of Justice
  11. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 230.
  12. 12,0 12,1 Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 426.
  13. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 428-429.
  14. Phillip Anthony O'Hara, Encyclopedia of Political Economy: A-K, Routledge, 1999, ISBN 0-415-18717-6, 9780415187176.
  15. [2] The cartel of good intentions, Foreign Policy, Washington, Jul/Aug 2002, Authors: William Easterly, Issue: 131, Pagination: 40-49, ISSN: 00157228.

Библиографија

уреди
  • Bishop, Simon and Mike Walker (1999): The Economics of EC Competition Law (Економијата на Законот за конкуренција на ЕЗ). Sweet and Maxwell.
  • Connor, John M. (2008): Global Price Fixing: 2nd Paperback Edition. Heidelberg: Springer.(Глобален договор за цени)
  • Levenstein, Margaret C. and Valerie Y. Suslow. What Determines Cartel Success? Journal of Economic Literature 64 (March 2006): 43-95.(Што го одредува успехот на картелот? Весник на Економска литература 64)
  • Stocking, George W. and Myron W. Watkins. Cartels in Action. New York: Twentieth Century Fund (1946).(Картели во акција. Њујорк: Фонд на дваесеттиот век)
  • Tirole, Jean (1988): The Theory of Industrial Organization. The MIT Press, Cambridge, Massachusetts.(Теорија на индустриска организација)
  NODES
Association 1
Intern 2
mac 3
os 8