Касиј Дион

грчко-римски државник и историчар

Касиј Дион (ок. 165 – ок. 235; старогрчки: Δίων Κάσσιος, Дион Касиј; латински: Lucius Cassius Dio) — римски историчар и сенатор со грчко потекло по мајка. Ја обработил историјата на Рим во 80 тома, почнувајќи од доаѓањето на Енеј во Италија. Делото поматаму ги документира основањето на Рим (753 г. п.н.е.), настанокот на Републиката (509 г. п.н.е.) и создавањето на Царството (27 г. п.н.е.) сè до 229 г., за време на царот Александар Север. Напишано е на старогрчки во текот на 22 години и опфаќа повќе од едно илјадалетие. Многу од книгите опстануваат неизменети или како одломки, што дава подробен увид во римската историја.

Касиј Дион
Касиј Дион на илустрација од XVII век
Роден/аок. 165
Никеја, Витинија
(денешен Изник, Турција)
Починат/аок. 235
Витинија
(денешна Северна Анадолија, Турција)
Занимањеисторичар, сенатор, претор, проконзул, конзул
Предметисторија
Значајни дела„Римска историја“

Животопис

уреди

Луциј Касиј Дион бил син на римскиот сенатор Касиј Апронијан од родот Касии. Се родил и изранал во градот Никеја во Витинија, Мала Азија. Византиската традиција вели дека мајка му на Дион била ќерка или сестра на грчкиот говорник и филозоф Дио Хрисостом, но ова е спорно. Иако бил римски државјанин, Дион пишувал на старогрчки. Секогаш бил приврзан за родниот град, а Италија ја сметал за странска земја.[1]

Поголем дел од работниот век го провел во државна служба. Бил сенатор за време на Комод и управник на Смирна по смртта на Септимиј Север; станал довршителен конзул околу 205 г. Бил на службата проконзул во Африка и Панонија. Александар Север имал највисоко мислење за Дион и повторно го назначил за конзул во 229 г. По второто конзулство во поодминати години се вратил во татковината и таму умрел.[2][3]

Дион бил дедо или прадедо на Касиј Дион, конзул во 291 г.[4]

„Римска историја“

уреди

Дион го објавил делото „Римска историја“ (Ῥωμαϊκὴ Ἱστορία, Historia Romana) во 80 книги, по 22 години истражување и труд. За вложениот труд авторот вели: „Проведов десет години собирајќи ги сите достигнувања на Римјаните од почетокот, па сè до смртта на Септимиј Север [211 г.], и уште дванаесет години во пишување на делото. Понатамошните настани исто така ќе бидат запишани дотаму кајшто можам“.[5][6]

Во книгите се обработува период од околу 1.400 години, почнувајќи од митските приказни за доаѓањето на јунакот Енеј во Италија (ок. 1200 г. п.н.е.) и основањето на Рим од неговиот потомок Ромул (753 г. п.н.е.); како и историски настани од републиканскиот и царскиот период сè до 229 г. Ова е едно од само три римски извори кои ја документираат Британската буна во 60–61 г. предводена од Будика.[7] Сè до I век п.н.е. Дион дава само краток преглед на настаните, а потоа описите стануваат поподробни.

Преглед на книги и одломки

уреди

Првите 21 книги се делумно реконструирани според одломки преземени од други дела, како и од епитомот на Јован Зонара (XII век), кој се служел со Дионовата „Римска историја“ како главен извор. Научната обработка на Дионовото дело е ретка, но треба да се подвлече важноста на ранорепубликанскиот и кралскиот период во севкупниот труд на Дион.[8] Книгите 22-35, кои се оскудно застапени во одломки, веќе биле изгубени во времето на Зонара.[9]

Книгите 36-54 се речиси целосно зачувани; го покриваат периодот од 65 до 12 г. п.н.е., или од источниот поход на Помпеј и смртта на понтскиот крал Митридат VI до смртта на Марко Випсаниј Агрипа. Книга 55 има значителна празнина, а книгите 56-60 (кои го обработуваат периодот од 9 до 54 г.) се целосно зачувани и ги опфаќаат настаните од поразот на Вар во Германија до смртта на Клавдиј.

Од 20-те понатамошни книги во низата опстануваат само одломки и оскудно скратено издание на византискиот калуѓер Јован Ксифилин од XI век под покровителство на царот Михаил VII Дука. Скратеното издание на Ксифилин, во обликот каков што го имаме денеска, почнува со Книга 35 и продолжува до крајот на Книга 80. Последната книга го опфаќа периодот од 222 до 229 г. (првата половина од владеењето на Александар Север).

Зборници на одломки од книгите

уреди

Одломките од првите 36 книги се собрани на четири начини:

Валоаови одломки (Fragmenta Valesiana)
Одломки расеани по разни писатели, схолијасти, граматичари и лексикографи, и собрани од Анри Валоа
Пејрескови одломки (Fragmenta Peiresciana)
Големи извадоци најдени во одделот насловен како „За доблестите и пороците“, содржатни во збирката или преносна библиотека составена по наредба на царот Константин Порфирогенит. Овој ракопис му припаѓал на Никола-Клод Фабри де Пејреск.
Орсинови одломки (Fragmenta Ursiniana)
Извадоци од првите 34 books, зачувани во вториот оддел на истото дело од Константин, насловено како „За пратениците“. Ракописот е најден во Сицилија од Фулвио Орсини.
Ватикански извадоци (Excerpta Vaticana)
Ватиканските извадоци на Анџело Маи содржат одломки од книгите 1-35 и 61-80. Покрај тоа, вклулчени се и одломки на анонимен продолжувач на Дион (Anonymus post Dionem), за кој се смета дека е историчарот Петар Патрикиј од VI век; овие датираат од времето на Константин Велики. Други одломки од Дион порвзани со првите 34 книги се најдени од Маи во два Ватикански ракописа; овие содржат збирка составена од Максим Плануд. Летописите на Јован Зонара исто така содржат бројни извадоци од Дион.

Содржина

уреди

Еве преглед на содржината на делото „Римска историја“.

Книги од делото „Римска историја“

уреди
Книга Опис
1 Основањето на Рим.
2 Седумте легендарни римски кралеви. Силувањето на Лукреција и нејзиното самоубиство, соборувањето на римската монархија и почеток на републиканството.
3 Раните денови на Римската Република.
4 Борба меѓу плебејците и патрициите. Воведена функцијата римски диктатор.
5 Борба на сталежите, привремено запрена во кризно време. Војни со Волските, Етрурците, Еквите, Сабините, предавството на Кориолан. Законите на Дванаесетте таблици.
6 Создавањето на функциите конзулски трибун и цензор. Војни со Етрурците, Фалиските и Веите.
7 Војна со Галите и Латините. Опсада на Капитолот. Неуспешниот државен удар на Марко Манил Капитолин. Камил на функцијата диктатор неколку мандати.
8 Војна со Самнитите и Капуа. Трибуните ги отпишуваат долговите на народот.
9 Војна со Тарентум и Епир (кралот Пир)
10 Пораз на Тарентум и Епир. Рим се вмешува кај Волсиниите потпомагајќи го благородништвото.
11 Прва пунска војна. Создавање на римската морнарица. Раскажување за Марко Регул.
12 Рим ја добива Првата пунска војна. Војна со Галите, Фалиските, Лигурија, Корзика и Сардинија. Рим почнува да се вмешува во грчките работи.
13 Почеток на Втората пунска војна.
14 Втората пунска војна продолжува. Фабиј Максим избран за диктатор и спроведува политика на исцрпување.
15 Втората пунска војна продолжува. Битка кај Кана, Опсада на Сиракуза. Рим ја зазема Капуа. Смрт на Архимед.
16 Втората пунска војна продолжува. Успехот на Скипион во Шпанија.
17 Крај на Пунските војни и римска победа.
18 Војна со Филип V Македонски, Битката кај Киноскефале води до пораз на Филип. Картагинците ги поттикнуваат Галите против Римјаните. Катон Постариот и неговите дела.
19 Римските односи со Грција продолжуваат. Војна со Антиох. Смрт на Ханибал и прогонство во Витинија.
20 Војна против македонскиот крал Персеј и Далмација. Римските односи со Родос, Кападокија и Египет.
21 Трета пунска војна. Картагина и Коринт се уништени.
22‑29 Скандалот на баханалиите. Војни во Шпанија. Војни против Камбрите и Марсите. Расправа за Тибериј Грах.
30‑35 Почеток на Митридатовите војни. Граѓанска војна на Сула.
36 Ерменските походи. Помпеев поход против пиратите.
37 Кариерата на Помпеј. Походи против Иберите во Азија и припојување на Сирија и Феникија. Првиот триумвират (Марко Крас, Јулиј Цезар и Помпеј).
38 Прогонство на Цицерон. Прво конзулство на Јулиј Цезар.
39 Галската војна продолжува. Цезар оди во Британија. Птоломеј протеран од Египет и повторно вратен на власт.
40 Галската војна продолжува. Цезар вторпат оди во Британија. Пораз и убиство на Марко Крас. Почнува разидувањето меѓу Цезар и Помпеј.
41 Цезар и неговите војски го преминуваат Рубикон. Битка кај Драч, Битка кај Фарсала, Пораз на Помпеј.
42 Смрт на Помпеј. Цезар почестен во Рим.
43 Цезар го поразува Скипион и помладиот Гнеј Помпеј. Триумфите на Цезар во Рим. Почната изградбата на Цезаровиот форум. Воведени јулијанските календарски реформи.
44 Култот на личноста на Цезар и неговото убиство.
45 Октавијан, наследник на Цезар и неговиот карактер. Вториот триумвират (Октавијан, Марко Антониј, Лепид). Разидување меѓу Марко Антониј, Октавијан и Цицерон.
46 Победа на Октавијан над Марко Антониј.
47 Владеењето на Третиот триумвират. Поразот на Брут и Касиј во Битката кај Филипи.
48 Третиот триумвират продолжува. Октавијан и Марко Антониј се осојузуваат со Секст Помпеј, а потоа го поразуваат.
49 Октавијан го поразува Секст Помпеј и го лишува Лепид од неговата војска и надлежности. Пораз на Марко Антониј во војувањето со Партите. Октавијан ја освојува Панонија. Рим ја добива Мавританија.
50 Битки меѓу Октавијан и Марко Антониј. Конечен пораз на Марко Антониј во Битката кај Акциум.
51 Марко Антониј и Клеопатра. Самоубиство на Марко Антониј. Октавијан го освојува Египет.
52 Окравијан се подготвува да стане самодржец на Рим.
53 Октавијан станува самодржец на Рим, со што почнува царскиот период. Расправа за устројството на провинциската управа.
54 Октавијан ја зацврстува власта, сега со титулата Август. Римската власт се проширува во Ретија, Норик, Приморските Алпи и Херсонез.
55 Посветување на Реонот на Ливија, Агрипиното Поле, Дирибиториумот, Храмот на Марс. Тибериј се повлекува на Родос. Двајцата наследници на Август умираат млади. Царицата Ливија добива на влијание.
56 Катастрофалниот пораз на Вар. Осветување на Храмот на Конкордија и Портикот на Ливија. Смрта на Август и неговиот погреб.
57 Тибериј станува цар, неговото владеење и карактер. Кападокија влегува во царството. Смрт на Друз и Германик.
58 Подемот и падот на Сејан. Продолжува владеењето на Тибериј и тој ја зацврстува власта. Смртта на Тибериј.
59 Калигула станува цар и неговото владеење.
60-61 Клавдиј станува цар и неговото владеење. Британија е освоена. Клавдиј умира отруен од сопругата Агрипина. Нерон станува цар.
62 Погубување на Агрипина Помладата. За време на Нерон се случуваат бунтот на Будика и Големиот римски пожар. Домициј Корбулон ја освојува Ерменија. Заговорот и самоубиството на Сенека.
63 Продолжува владеењето на Нерон, а потоа неговото самоубиство. Веспазијан ја почнува Првата римско-еврејска војна. Кратките владеење на Галба и Отон.
64 Владеењето на Вителиј.
65 Владеењето на Веспазијан. Неговиот син Тит го зазема Ерусалим и го уништува Вториот храм, извојувајќи победа во Првата римско-еврејска војна. Веспазијан го покорува Египет. Обнова на храмот на Јупитер Капитолски.
66 По смртта на Веспазијан, на Тит владее како цар две години. За неговот владеење. Избувот на Везув кој ја поклопил Помпеја.
67 Владеењето и карактерот на Домицијан.
68 Краткото владеење на Нерва. Владеењето на Трајан. Дакиските војни завршуваат со римска победа. Успешни походи во Ерменија и Партија. Голем земјотрес во Антиохија. Трајан умира.
69 На престолот седнува Адријан, посвоениот син на Трајан. Неговиот катактер и интереси. Антиној. Адријан жестоко го задушува Востанието на Бар Кохба. Долгото боледување и смртта на Адријан.
70 Владеењето на Антонин Пиј.
71 Марко Аврелиј станув цар. Војната против Вологаз во Ерменија. Расправа за римската мостоградба.
72 Војни против Маркоманите и Јазигите. Буната на Касиј во Сирија завршува со неговата смрт. Карактерот на Марко Аврелиј.
73 Владеењето на Комод и неговиот карактер. Неговиот атентат.
74 Владеењето на и атентатот врз Пертинакс. Дидиј Јулијан доаѓа на власт со исплаќање на Преторијанската гарда. Владеењето на Јулијан и неговиот атентат.
75 Септимиј Север станува цар и потиснува бунт.
76 Север го поразува Албин. Војна во Каледонија и втората опсада на Хатра во Месопотамија: обете не особено успешни. Моќта на Платвијан, градскиот префект.
77 Избувнување на Везув. Падот на Платвијан. Походот на Север и неговата смрт.
78 Владеењето на Каракала. Неговите војни, карактер и масовните убиства врз александријците.
79 Макрин го победува Каракала. Макрин и неговото владеење преокупирано со граѓанска војна. Неговото соборување од страна на Елагабал.
80 Владеењето на Елагабал, кој е соборен поради неговата неумереност. Александар Север седнува на престолот.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Potter, David Stone (2004). The Roman Empire at Bay, AD 180-395. Psychology Press. стр. 72. ISBN 978-0-415-10057-1.
  2. Scott, Andrew G. (2018). Emperors and Usurpers: An Historical Commentary on Cassius Dio's Roman History. Oxford University Press. стр. 1. ISBN 978-0-19-087959-4.
  3. Carter, John (1987). The Reign of Augustus. London: Penguin Books. стр. 1. ISBN 9780140444483.
  4. Martindale, John Robert; Jones, Arnold Hugh Martin; Morris, J., уред. (1971). „Cassius Dio“. Prosopography of the Later Roman Empire. I. Cambridge University Press. стр. 253. ISBN 978-0-521-20159-9.
  5. Roman History, Book 73.23. Loeb Classical Library.
  6. Погл. и Kemezis, Adam M. (2014). „The date of composition of Dio's history“. Greek Narratives of the Roman Empire under the Severans. Cambridge University Press. стр. 282–293. ISBN 978-1-107-06272-6.
  7. Frénée-Hutchins, Samantha (2016). Boudica's Odyssey in Early Modern England. Routledge. стр. 22. ISBN 978-1-317-17296-3.
  8. Burden-Strevens, C.; Lindholmer, M.O. (2018). Burden-Strevens, Christopher; Lindholmer, Mads (уред.). Cassius Dio's Forgotten History of Early Rome (PDF). Brill. doi:10.1163/9789004384552. ISBN 9789004384552. S2CID 166209848.
  9. Roman History, Introduction. Loeb Classical Library.

Надворешни врски

уреди
  NODES
Done 1
Story 5