Класна борба
Класната борба е борба помеѓу општествените класи кои го сочинуваат едно општество. Во основата на концептот лежи тезата дека општеството е поделено на класи (теза која не ја прифаќаат сите) и дека помеѓу класите може да постои класна соработка или класна борба. Застапниците на класната борба, (комунистите, анархистите и радикалните социјалисти) инсистираат на тврдењето дека класната соработка, во најмала рака долгорочно, е во корист само на експлоататорската класа и дека всушност експлоататорската класа, иако го прикрива тој факт, сепак води класна борба против експлоатираната класа. Поради тоа, застапниците на класната борба инсистираат на потребата и експлоатираната класа да води класна борба против своите експлоататори.
Класната борба може да се подели на:
- мирна или насилна и
- економска, политичка или идејна.
Мирната класна борба значи водење на класна борба со мирољубиви средства, но при тоа мора да се има предвид дека постои разлика помеѓу мирна класна борба и класна соработка. Од друга страна, типичен пример за насилна класна борба е револуцијата.
Економската класна борба се одвива на економското поле во врска со одредување на висината на наемнината, условите за работа и слично, политичката класна борба подразбира учество на изборите со цел влијаење или освојување на политичката власт во одредена држава, додека идејната класна борба се води на идеен план и подразбира борба за идејната определба на луѓето. Идејната класна борба од гледна точка на експлоатираната класа подразбира борба за изградба на класна свест.
Помеѓу застапниците на класната борба постојат длабоки несогласувања во врска со типот класна борба што треба да се води.