Луковица

складиштен орган кај некои растенија

Луковица (науч. Bulbus) — видоизменето стебло, подземен орган, кој се среќава кај некои растенија. На нејзиниот долен дел се наоѓа коренот. Присутна е кај претставниците од фамилиите на лилјани (или кринови), фам. кокичиња, фам. лукови и др. Исполнува неколку многу важни функции. За време на периодот на мирување, надземниот дел на некои растенија (лалиња, лилјани, хипеаструми и др.) пресушува. Овој период обично настапува кога условите на средината ќе се влошат (студ, затоплување итн.). Во овој период растението треба некако да се запази до новото подобрување на условите. Тоа ги складира сите хранливи материи кои ги има на располагање во својата луковица, која започнува да се окрупнува. На пример, со настапувањето на зимата, растението мирува сè до пролетта, односно до почетокот на новиот вегетативен период. Во овој момент луковицата игра клучна улога - чува сè што е неопходно за животот на растението. Со подобрување на условите, дадениот вид растение се буди и од луковицата се развиваат листовите. Старата луковица загинува, но на нејзиното место се појавува нова. Овој тип на видоизменети стебла се препокриени со заштитни лушпи, бидејќи неретко се омилената храна на некои животни (вклучително и човекот). Кај некои видови луковиците се отровни, што е приспособување кон истата причина. Понекогаш од една луковица може да израснат по 2 растенија, кои, пак, следната година ќе образуваат 2 одделни луковици. Кај нив исто така е можно удвојување, и така процесот продолжува.

Луковици од кромид, кои ги користи човекот во исхраната.
  NODES