Настава
Настава е развојно-образовен процес кој се одвива плански и организирано под водство на воспитувач (наставник, професор) и во присуство на воспитаник (ученик или студент). Наставната работа најчесто се изведува во педагошки институции (училиште, факултет и сл.) и е насочена кон севкупниот развиток на воспитаниците.
Компоненти на наставата
уредиНаставата е предмет на проучување на дидактиката. Целта на воспитанието во наставата е да се создаде критична, независна, автономна, креативна, човечна, образована, мултикултурна личност која е отворена за сите сегашни и идни промени во општеството во кое се наоѓа. Компонентите на овој систем се:
- Ученик (функции: учење, стекнување соодветно искуство кое ги воспитува и покренува);
- Наставник (функции: предавање, односно неговите активности се фокусираат на оптимизација на учењето);
- Наставни содржини (претставува основа која овозможува учење);
- Објективни услови (простор и опрема за настава, начин на учење — директно и индиректно);
- Односи меѓу учесниците во наставата.
Задачи на наставата
уредиНаставата има три основни задачи:
- материјална задача - усвојување на знаења;
- функционална задача - создавање и развој на способности (психофизички развој);
- воспитна задача - усвојување на морални правила, норми на однесување и сл.
Дидактички системи на настава
уредиВо историскиот развој на дидактичката теорија и пракса се изградувале бројни системи со кои се одредувала структурата на работата во наставата. Денес се споменува уште и изразот наставна стратегија, односно стратегија на наставата. Некои наставни системи од минатото се укинуваат поради нивната едностраност и неефикасност, како диктирање, различни варијанти на испитувачката настава. Паралелно со укинувањето на застарените наставни системи се изградуваат современи кои повеќе одговараат на потребите на современото образование. При изградувањето на современите системи потребно е на ум да се имаат сите структурни компоненти на наставниот процес и тоа со нивните микроелементи. Во секој дидактички систем се искажуваат специфични варијанти во изведувањето на специфичните компоненти на наставниот процес од аспект на директното поучување на наставникот и самостојната работа на ученикот. Изведени се повеќе наставни системи, па од таму и називот мултистратегија на наставата.
Дидактичките системи на наставата можат да се поделат на традиционални и современи. Во основа, во традиционалните доминира вербализмот и формалноста и улогата на наставникот, додека современите користат други начини на исполнување на воспитно-образовните задачи кои попотполно ја изградуваат личноста на воспитаникот.
Традиционални системи
уреди- предавачка настава;
- предавачко-прикажувачка настава;
- катехетичка настава;
- маевтичка настава;
- комбинација на овие системи и нивните варијанти.
Современи системи
уреди- евристичка настава;
- програмирана настава;
- егземпларна настава;
- проблемска настава;
- индивидуализирана настава;
- компјутеризирана настава;
- тимска настава;
- респонсибилна настава и
- менторска настава.
Методско обликување на наставата
уредиСо оглед на тоа дека наставниот процес е составен од различни составни делови, неговото методско обликување настојува да го пронајде и утврди нивниот најефикасен редослед. Етапи на наставниот процес се: вовед или подготовка, обработка на нови наставни содржини, вежбање, повторување и проверување.