Синклер Луис
Синклер Луис (7 февруари 1885 - 10 јануари 1951) — американски писател, прв Американец што добил Нобелова награда за литература, во 1930 година. Тој бил романописец, драмски автор и критичар на општеството, а станал популарен со своите сатирични романи.
Синклер Луис | |
---|---|
Роден/а | Хари Синклер Лиус 7 февруари 1885 Минесота, САД |
Починат/а | 10 јануари 1951 Рим, Италија | (возр. 65)
Занимање | Романописец и драматург |
Националност | Американец |
Значајни награди | Нобелова награда за литература 1930 |
Животопис
уредиХери Синклер Луис е роден на 7 февруари 1885 година во Сок Сентр, село во срцето на Минесота, како трет син на селски лекар.[1] Неговата мајка, која била ќерка на канадски физичар, умрела од туберкулоза кога Луис имал само шест години. Татко му се преженил една година подоцна за Изабел Ворнер. Луис многу добро се сложувал со маќеата: таа му читала, а кога научил да чита и самиот, имал пристап до 400 медицински книги од библиотеката на татко му. Подоцна во своите дела, Луис го опишал Сок Сентр како „тесноград и провинциски“, па затоа книгите му понудиле еден вид бегство. Тој изгледал многу чудно со својата црвена коса, а имал особено лоша кожа. На возраст од 13 години се обидел да избега од дома, со желба да стане трговски патник, но неговиот татко го фатил на железничката станица и го вратил дома.
Во 1902 година влегол во академијата Оберлин, но тогаш се преселил на Универзитетот Јејл и почнал да пишува во весникот „Yale Literary Magazine“. За време на летниот распуст, Луис отпатувал во Англија со брод, а незадоволен од колеџот, отишол во Панама во потрага по работа на Каналот. Исто така, работел како вратар и се обидувал да заработи како слободен писател во Њујорк. На Универзитетот Јејл го запознал Џек Лондон, а потоа работел за неколку издавачки куќи и магазини во Ајова, Сан Франциско, Вашингтон и во Њујорк. Во Гринич Вилиџ се дружел често со радикалите, како Џон Рид и Флојд Дел и за кратко време станал член на Социјалистичката партија. Притоа, тој го прекинал студирањето на Универзитетот Јеил и се вработил во социјалистичката колонија што ја формирал Аптон Синклер, но подоцна сепак се вратил на истиот универзитет каде дипломирал во 1907 година.[1]
Во 1914 година, Луис се оженил со Грејс Ливингстон Хеџер, уредничка во списанието „Вог“ (Vogue). Со неа имал еден син - Велс. Во тој период, Луис работел како уредник и менаџер за реклами во книгоиздавачката куќа „Џорџ Доран компани“, а во 1916 година ја напуштил работата за да патува со сопругата. Во 1925 година, Луис се развел од првата жена, а три години подоцна се венчал со дописничката Дороти Томсон, со која патувале по светските метрополи. Во тоа време, Луис многу пиел и ги навредувал своите пријатели. Во 1930-тите, Луис живеел удобен живот: имал убава стара куќа во Вилијамстаун, Масачусетс, живеел во најдобрите хотели во Америка и во Европа, а во Фиренца изнајмил грандиозна вила во стилот на Мусолини. Во 1942 година се развел од втората сопруга и нашол многу помлада. Син му Велс загинал во Втората светска војна, во Франција. Последните години од животот Луси ги поминал во Европа, во лоша здравствена состојба поради алкохолизмот и сериозната кожна болест што го иритирала неговото кратко трпение. Во последните години од животот, Луис најмувал секретарки да играат шах со него и да му прават друштво. Умрел од последици од алкохолизмот на 10 јануари 1951 година, во доброволно прогонство во Рим.
Творештво
уредиЛуис напишал 22 романа и три драми. Иако повремено го критикувал американскиот начин на живот, неговиот основен поглед на „американската човечка комедија“ е оптимистички. Неговата прва издадена книга била „Хајк и авионот“, книга за деца што се појавила во 1912 година под псевдонимот Том Греам, зашто Луис се плашел од евентуалниот неуспех на своето книжевно деби. Во тој период Луис објавил и над 40 кратки раскази во едно евтино забавно списание, а во 1914 година се појавила неговата следна книга, романот „Нашиот господин Рен“. Во него, тој претставил еден наивен сонувач за авантури кој, откако патувал по целиот свет, се вратил во нормалниот идиличен живот. Романот „Нашиот господин Рен“ не постигнал некој поголем успех, но сепак тој го означува пресвртот во творештвото на Луис, кој набрзина напишал неколку романи, и тоа: „Соколовата трага“ (1915), „Неопасни“ (1917), „Работа“ (1917) и „Мис Клер патува“ (1919).[1]
Во 1920 година се појавило неговото ремек-дело, романот „Главната улица“, откако една година порано Луис позајмил 500 долари од татко му, ги исплатил долговите и се повлекол од јавниот живот. Во овој роман, кој претставува еден вид негова духовна автобиографија, Луис остро ги напаѓа самозадоволството, незнаењето и хипокризијата на американските малограѓани. Поради тоа, романот станал едно од врвните обележја на американската радикална интелигенција во 1920-тите. Следниот роман „Бебит“ (1922) — немилосрден портрет на стопанственикот Џорџ Ф. Бебит при што изразот „бебитрија“ станал синоним за конформизам и комерцијализам. Во 1925 година се појавил романот „Д-р Мартин Ароусмит“ којшто го опишува животот на истоимениот лекар. Во создавањето на книгата, Луис соработувал со бактериологот Пол де Круиф со кого поминал два месеца на Карибите. Таму, Луис пиел и пишувал, додека Де Круиф ја сфатил пресериозно нивната соработка. Во 1926 година, книгата била наградена со Пулицеровата награда, но тој ја одбил, затоа што, како што рекол, „таа награда ја заслужуваат книги што ја слават Америка, додека неговите критички настроени романи не треба да ја добијат“. Книгата ѝ била посветена на писателката Варлтон, на која Луис ѝ се восхитувал и тој никогаш не се жалел дека не ја добил наградата порано. Романот „Ароусмит“ набргу станал симбол на сите почитувачи на европското културно наследство, зашто според критичарот Алфред Кејзин, ликот од книгата Макс Готлиб станал олицетворение на неисцрпната европска мудрост. Во следните дела Луис често користел експерти за технички совети, како што правел Емил Зола во Франција. Притоа, од 1920 до 1930 година, Луис го создал најважниот дел од својот книжевен опус, создавајќи ги романите: „Елмер Гантри“ (1927), „Човекот кој го познаваше Кулиџ“ (1928) и „Додсворт“ (1929). Романот „Елмер Гантри“ претставува реалистичен портрет на еден свештеник, но и критика на религијата, воопшто, додека „Додсворт“, иако формално зборува за еден фабрикант со автомобили и за неговата неверна жена, претставува уметничко свидетелство за културните разлики меѓу САД и Европа. Во „Човекот кој го познаваше Кулиџ“, Луис дава остра сатира на еден типичен американски малограѓанин. Во тоа време, Луис веќе бил славен писател чии дела се преведувале ширум светот, а во 1930 година, станал првиот американски писател кој ја добил Нобеловата награда.[2] По тој повод, Теодор Драјзер, другиот американски кандидат за ова признание, бил многу лут кога Луис ја добил наградата. Во 1931 година се појавила филмската верзија на „Ароусмит“ од 1931 година, во режија на Џон Форд. Во текот на 1930-тите години, Луис му посветил големо внимание и на театарот. Неговото последно големо дело „Тоа не може да се случи овде“, портретира фашистички државен преврат во САД. Неговиот последен роман „Многу широк свет“ бил издадена посмртно.
По добивањето на Нобеловата награда настапило големо опаѓање во творештвото на Луис, кое се забележува уште во „Додсворт“ којшто тематски го парафразира романот „Нашиот господин Рен“. Тоа е особено забележливо во следните романи „Ен Викерс“ и „Кралска крв“, коишто далеку од уметничкото ниво на претходните негови дела. До ден-денес останува тајна што е вистинската причина за уметничкото опаѓање на Луис: дали неспособноста да се ослободи од ситнобуржоаскито радикализам или пак некоја чисто творечка причина?[3]
Значење и влијание
уредиВо романот „Шунка на 'ржан леб“, Чарлс Буковски наведува дека еден од првите писател кои му оставиле впечаток бил Синклер Луис кој во романот „Главната улица“ ги „лупи слоевите од лицемерие во кои се завиткани луѓето“, забележувајќи му дека „не внесува повеќе страст во тоа“.[4]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Voja Čolanović, „Sinkler Luis“, во: Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 137.
- ↑ Voja Čolanović, „Sinkler Luis“, во: Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 138-140.
- ↑ Voja Čolanović, „Sinkler Luis“, во: Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 140-141.
- ↑ Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 162.