Staphylococcus epidermidis
Електронско микроскопска слика на S. epidermidis.
Научна класификација
Домен: Bacteria
Колено: Firmicutes
Класа: Bacilli
Ред: Bacillales
Семејство: Staphylococcaceae
Род: Staphylococcus
Вид: S. epidermidis
Научен назив
Staphylococcus epidermidis
(Winslow & Winslow 1908)
Evans 1916
Синоними

Staphylococcus albus Rosenbach 1884

Staphylococcus epidermidis е Грам-позитивна бактерија и една од над 40 видови кои припаѓаат на родот на стафилококи.[1] Бактеријата е дел од нормалната микрофлора кај човекот, главно на кожата, а поретко и на слузниците.[2] Таа е факултативно анаеробна бактерија. Иако S. epidermidis обично не е патоген, пациентите со компромитиран имунолошки систем се изложени на ризик од развој на инфекции предизвикани од оваа бактерија. Овие инфекции главно се здобиваат во болнички услови, обично на катетри или други хируршки импланти, бидејќи бактериите формираат биофилмови кои растат на овие уреди.[3][4] Како дел од нормалната кожна флора, S. epidermidis е чест загадувач на примероци испратени во дијагностички лаборатории.[5]

Потекло на поимот

уреди

'Staphylococcus' - куп на грозје-како бобинки, 'epidermidis' - на епидермисот.[6]

Откривање

уреди

Фридрих Јулиј Розенбах го одделил видот S. epidermidis од видот S. aureus во 1884 година и на почетокот го именувал како S. albus.[7] Тој ги одбрал имињата aureus и albus според бојата на колониите кои се жолти и бели, соодветно.

Клеточна морфологија и биохемија

уреди
 
Staphylococcus epidermidis, 1000-кратно зголемување со светлински микроскоп.

S. epidermidis е многу жилав микроорганизам, кој се состои од неподвижни, Грам-позитивни коки, наредени во гроздовидни кластери. Видот формира бели, издигнати, кохезивни колонии околу 1-2 мм во пречник по инкубација преку ноќ и не е хемолитичен на крвен агар.[4] Тој е каталаза-позитивен,[8] коагулаза-негативен, факултативен анаероб кој може да расте со аеробна респирација или со ферментација. Некои соеви не ферментираат.

Биохемиските тестови покажуваат дека овој микроорганизам дава слаба позитивна реакција на тестот за нитрат редуктаза. Тој е позитивен за продукција на уреаза, оксидаза-негативен е, а може да користи гликоза, сахароза или лактоза за да формира киселински производи. Во присуство на лактоза продуцира гас. S. epidermidis не го поседува ензимот желатиназа, па затоа не може да го хидролизира желатинот. Тој е осетлив на новобиоцин, што се користи во тестот за негово разликување од Staphylococcus saprophyticus, кој е коагулаза-негативен, но новобиоцин-резистентен.[3]

Слично како кај S. aureus, клеточните ѕидови на S. epidermidis имаат трансфериноврзувачка белковина која му помага на организмот да добие железо од трансферин. Се верува дека тетрамерите на површински изложената белковина, глицералдехид-3-фосфат дехидрогеназа, се врзуваат за трансферин и го отстрануваат железото. Следните чекори вклучуваат пренесување на железото на површинските липобелковини, а потоа на транспортни блковини кои го внесуваат железото во клетката.[4]

Вирулентност и резистенција кон антибиотици

уреди

Способноста да формира биофилмови на пластични инструменти е главен фактор за вирулентноста на S. epidermidis. Една веројатна причина се површинските белковини кои врзуваат крв и вонклеточни матрични белковини. Бактеријата произведува вонклеточен материјал познат како полисахариден меѓуклеточен адхезин (PIA), кој е составен од сулфатни полисахариди. Тоа им овозможува на другите бактерии да се врзат за веќе постоечкиот биофилм, создавајќи на тој начин повеќеслојни биофилмови. Таквите биофилмови ја намалуваат метаболичката активност на бактериите во нив. Овој намален метаболизам, во комбинација со нарушената дифузија на антибиотиците, ја отежнува борбата против инфекцијата.[4] Соевите на S. epidermidis често се отпорни на антибиотици, вклучувајќи рифамицин, флуорокинолони, гентамицин, тетрациклин, клиндамицин и сулфонамиди.[9] Резистентноста на метицилин е особено распространета, при што 75-90% од болничките изолати се резистентни на метицилин.[9] Резистентни бактерии најчесто се наоѓаат во цревата, но оние кои живеат слободно на кожата, исто така, можат да станат резистентни поради рутинска изложеност на антибиотици излачувани со пот.

Заболувања

уреди
 
Staphylococcus epidermidis, обоен со сафранин. (x1000)

Како што споменавме погоре, S. epidermidis создава биофилмови за да расте врз пластичните импланти вградени во телото. Ова се јавува најчесто на интравенски катетери и на други медицински протези.[10] Инфекција може да настане кај пациенти на дијализа или кај тие со вграден пластичен имплант кој може да се контаминира. Може да предизвикува ендокардит кај пациенти со неисправни срцеви залистоци. Во болнички услови може да биде причина и за сепса.

Антибиотици се во голема мера неефикасни во расчистување на биофилмовите. Затоа третманот на овие инфекции мора да биде со отстранување и замена на инфицирани импланти. Во случај на инфекција, лек од прв избор е ванкомицин, во комбинација со рифампин или аминогликозид. Превенцијата се состои од редовно миење на рацете, што го редуцира ширењето на инфекцијата.

Некои истражувања покажаа дека S. epidermidis може да се најде внатре во инфицирани acne vulgaris, каде што Propionibacterium acnes нормално е единствениот жител.[11]

Идентификација

уреди

Практика за идентификација на S. epidermidis е: користење на колонии на селективни медиуми; одредување на бактериска морфологија со светлосна микроскопија; каталаза тест и слајд коагулаза тест. На Baird-Parker агар со додадени жолчки од јајце, колониите се мали и црни. Сè повеќе, техниките како квантитативната полимераза верижна реакција се користат за брзо откривање и идентификација на соевите на Staphylococcus.[12] Чувствителноста кон десфериоксамин може да се користи за овој вид да се разликува од повеќето други стафилококни видови, освен Staphylococcus hominis кој е исто така чувствителен на десфериоксамин. Во овој случај, продукцијата на киселина од трехалоза од страна на S. hominis може да се користи за да се направи дистинкција меѓу двата вида.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Schleifer, Karl H.; Kloos, Wesley E. (1975). „Isolation and Characterization of Staphylococci from Human Skin I. Amended Descriptions of Staphylococcus epidermidis and Staphylococcus saprophyticus and Descriptions of Three New Species: Staphylococcus cohnii, Staphylococcus haemolyticus, and Staphylococcus xylosus“. International Journal of Systematic and Evolutionary Microbiology. 25 (1): 50–61. doi:10.1099/00207713-25-1-50.
  2. Fey, Paul D; Olson, Michael E (2010-06-03). „Current concepts in biofilm formation ofStaphylococcus epidermidis“. Future Microbiology (англиски). 5 (6): 917–933. doi:10.2217/fmb.10.56.
  3. 3,0 3,1 Levinson, W. (2010). Review of Medical Microbiology and Immunology. стр. 94–99.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Salyers, Abigail A. & Whitt, Dixie D. (2002). Bacterial Pathogenesis: A Molecular Approach. Washington, D.C.: ASM Press. ISBN 1-55581-171-X.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  5. „Staphylococcus: Molecular Genetics“. www.caister.com (англиски). Посетено на 2018-02-17.
  6. „VetBact“. www.vetbact.org (англиски). Посетено на 2018-02-17.
  7. „Whonamedit - dictionary of medical eponyms“. www.whonamedit.com (англиски). Посетено на 2018-02-17.
  8. WI, Kenneth Todar, Madison. „Staphylococcus aureus“. textbookofbacteriology.net. Посетено на 2018-02-17.
  9. 9,0 9,1 Otto, Michael (август 2009). „Staphylococcus epidermidis – the "accidental" pathogen“. Nature reviews. Microbiology. 7 (8): 555–567. doi:10.1038/nrmicro2182. ISSN 1740-1526. PMC 2807625. PMID 19609257.
  10. Hedin, G. (1993). „Staphylococcus epidermidis--hospital epidemiology and the detection of methicillin resistance“. Scandinavian Journal of Infectious Diseases. Supplementum. 90: 1–59. ISSN 0300-8878. PMID 8303217.
  11. Bek-Thomson, M.; и др. (2008). „Acne is Not Associated with Yet-Uncultured Bacteria“. Journal of Clinical Microbiology. 46 (10): 3355–3360. doi:10.1128/JCM.00799-08. PMC 2566126. PMID 18716234.
  12. Mackay IM (2007). Real-Time PCR in Microbiology: From Diagnosis to Characterization. Caister Academic Press. ISBN 978-1-904455-18-9.

Надворешни врски

уреди
  NODES
INTERN 1